понеделник, 23 март 2026

Израелски весник објави можен датум за крај на војната против Иран

Соединетите Американски Држави го одредија 9 април како можен датум за завршување на војната со Иран, а се очекува наскоро да почнат разговори меѓу двете страни, објавија израелски медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според израелскиот весник Једиот ахронот, неименуван израелски функционер изјавил дека „Вашингтон го одредил 9 април како целен датум за завршување на војната, оставајќи околу 21 ден за продолжување на борбите и преговорите“.

Истиот извор додал дека „разговори меѓу Иран и САД се очекуваат подоцна оваа недела во Пакистан“, истакнувајќи дека Вашингтон не го информирал Израел за деталите од своите контакти со претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф.

Весникот цитира и израелските проценки дека САД веќе водат индиректни разговори со Калибаф, по изјавите на американскиот претседател за контакти со Иран со цел завршување на војната. Сепак, Калибаф кажа дека немало разговори со САД, отфрлајќи ги извештаите како „лажни вести“ насочени кон манипулирање на финансиските и нафтените пазари.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денес изјави дека наредил петдневно одложување на сите напади врз иранските електрани и енергетската инфраструктура, наведувајќи ги како причина „многу добрите и продуктивни“ разговори со Техеран во текот на изминатите два дена.

Регионалната ескалација продолжи да расте откако САД и Израел ја почнаа заедничката офанзива против Иран на 28 февруари, во која загинаа повеќе од 1.340 луѓе, вклучувајќи го и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.

Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американските воени објекти, предизвикувајќи жртви и штети на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и воздушниот сообраќај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ