понеделник, 2 март 2026

Израелски министер: „Шпанија е на страната на Иран“, Шпанците: „Глупости“

Шпанија ги отфрли израелските критики за нејзиниот став во врска со конфликтот на Блискиот Исток, а министерот за надворешни работи ги нарече обвинувањата дека Мадрид застанал на страната на Иран „апсурдни и смешни“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шпанскиот премиер Педро Санчез ги осуди американските и израелските напади врз Иран, кои предизвикаа ескалација на тензиите во регионот.

„Шпанската влада, која секогаш е покрај сите светски тирани, како што беше покрај Венецуела, сега застана и покрај Иран“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар во неделата во интервју за Еуроњуз.

Саар го критикуваше шпанскиот став за војната, тврдејќи дека тој е исклучок во Европа. „Во последните два дена разговарав со повеќето министри за надворешни работи на Европската Унија и значителен број од нив го делат истото мислење. […] Можеби и сакаат операцијата да успее, но во неа не учествуваат“, рече Саар.

Шпанскиот министер за надворешни работи Мануел Албарес денес одговори на обвинувањето, исто така во интервју за Еуроњуз. „Тоа е апсурдно и смешно. Шпанија има доследна надворешна политика“, рече тој, додавајќи дека земјата „доследно“ го применува својот став за конфликтите низ светот.

Шпанскиот премиер Педро Санчез во саботата изјави дека „ја отфрла едностраната воена акција на Соединетите Американски Држави и Израел“ врз Иран, тврдејќи дека таа „претставува ескалација и придонесува за понеизвесен и понепријателски меѓународен поредок“.

Еден ден подоцна, Санчез порача дека е можно „да си против режим на омраза и истовремено да си против неоправдана и опасна воена интервенција“, остро критикувајќи ги дејствувањата на иранскиот режим и Револуционерната гарда.

Тој силно ги осуди и неселективните ирански напади врз други заливски земји, како и лансирањето проектили од Хезболах кон Израел и израелските напади врз Либан, истакнувајќи дека „насилството раѓа само ново насилство“.

Шпанската влада го зацврсти својот имиџ како најгласен европски критичар на интервенционистичката надворешна политика на американскиот претседател Доналд Трамп, а воедно е и меѓу најострите критичари на израелската војна во Газа. Шпанија е единствената голема членка на Европската Унија што директно ги критикуваше американско-израелските напади врз Иран, додека другите европски влади ги осудија само иранските напади врз земјите во регионот.

Заедничката изјава на Европската Унија за развојот на настаните на Блиски Исток, усогласена од високата претставничка Каја Калас и 27-те држави членки, споменува „заштита на цивилите и целосно почитување на меѓународното право, вклучително и принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното хуманитарно право“, но не и нападите врз Иран, кои ја поттикнаа ескалацијата.

Албарес за државната телевизија РТВЕ изјави дека американските воени бази на шпанска територија не биле користени и нема да бидат користени за напади врз Иран, бидејќи тоа не е во согласност со договорот меѓу двете земји и „е против со принципите на Обединетите нации“. Иранската амбасада во Шпанија го поздрави таквиот став, оценувајќи дека е „во согласност со меѓународното право“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ