недела, 29 март 2026

Израелската полиција спречи кардинал да одржи миса за Цветници во базиликата на Светиот гроб (ВИДЕО)

Израелската полиција го спречи латинскиот патријарх на Ерусалим да ја одбележи мисата за Цветници во базиликата на Светиот гроб, „за првпат по векови“, соопшти Патријаршијата, додека полицијата се повика на безбедносни причини поврзани со војната со Иран, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кардиналот Пјербатиста Пицабала и фратарот Франческо Јелпо биле запрени од полицијата додека оделе кон базиликата, изградена на местото каде што, според христијанското верување, Исус бил распнат и воскреснал.

„Како резултат на тоа, и за првпат по векови, поглаварите на Базиликата беа спречени да ја одржат мисата за Цветници во базиликата на Светиот гроб“, се наведува во соопштението.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „немало никаква зла намера“, туку станувало збор за грижа за безбедноста на кардиналот и неговата придружба, додавајќи дека се подготвуваат услови во наредните денови црковните лидери да можат да богослужат таму.

Полицијата соопшти дека сите свети места во Стариот град на Ерусалим – христијански, муслимански и еврејски – се затворени за верници од почетокот на американско-израелската војна со Иран, особено оние без засолништа. Барањето за исклучок за Цветници било одбиено поради ризик од масовни жртви во случај на напад.

Ограничувањата влијаат врз сите верски празници: Велигден, Рамазан и Пасха. Годинава, верниците не можат да ги одбележуваат како вообичаено – џамијата Ал-Акса беше речиси празна за време на Рамазан, а и кај Ѕидот на плачот има мал број верници.

Одлуката предизвика меѓународни реакции. Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја критикуваше постапката, а францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека таа „дополнително го зголемува загрижувачкото нарушување на статусот на светите места во Ерусалим“.

Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, изјави дека забраната е „тешко да се разбере или оправда“.

И покрај рестрикциите, на некои места во Стариот град бил дозволен ограничен пристап, а на една друга света локација мала група верници сепак одржале молитва за Цветници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ