Група новинари и активисти од невладиниот Институт 8 март тврдат дека претставници на „Блек кјуб“, вклучително извршниот директор Дан Зорела и советникот Гиора Еиланд, поранешен шеф на израелскиот Совет за национална безбедност, на 22 декември во Љубљана одржале состанок со Јанша, повикувајќи се на евиденција на летови и други разузнавачки податоци, пренесе Ројтерс.
Словенечката Разузнавачко-безбедносна агенција во понеделникот го потврди доаѓањето на претставници на „Блек кјуб“ во декември, но не можеше да потврди дека се сретнале со Јанша, лидерот на опозициската Словенечка демократска странка (СДС), која води во анкетите.
Ројтерс наведува дека од „Блек кјуб“ не одговориле на барањето за коментар. Јанша негира дека се сретнал со претставници на таа компанија.
Доколку Јаншината СДС, која е наклонета кон Израел, победи на изборите в недела, тоа веројатно би ја променило словенечката политика кон Блискиот Исток, бидејќи либералното Движење за слобода на Голоб е гласен поддржувач на Палестинците.
Словенија за време на неговиот мандат ја призна независната палестинска држава, а минатата година воведе и забрана за увоз на стоки произведени на палестинските територии под израелска окупација.
„Тоа што… странски служби се мешаат во изборите во една демократска членка на Европската Унија е нечувствително“, изјави Голоб вчера пред новинарите.
Во дебата меѓу Јанша и Голоб во понеделникот вечерта, Голоб рече дека тоа е „најголемиот скандал на кој сме сведочеле во Словенија од стекнувањето независност“.
Јанша рече дека Голоб се обидува да ја прикрие корупцијата во сопствените редови.
Кампањата за редовните, 10-ти парламентарни избори од стекнувањето независност беше обележана со обвинувања за корупција во врвот на власта и наводи за ширење дезинформации со цел влијание врз изборниот процес.
Доколку Јаншината СДС, која е наклонета кон Израел, победи на изборите во недела, тоа веројатно би ја променило словенечката политика кон Блискиот Исток, бидејќи либералното Движење за слобода на Голоб е гласен поддржувач на Палестинците.
Претседателката Наташа Пирц Мусар, која не е поврзана со ниту една партија, изрази загриженост поради извештајот.
„Размерите на активностите на надворешните актери сè уште не се целосно разоткриени ниту објаснети, но активностите што досега се презентирани сериозно ги поткопуваат демократските темели на Република Словенија, без оглед на тоа кој ја води владата, а кој е во опозиција“, изјави таа.
„Блек кјуб“ дојде во фокусот на јавноста во 2017 година, откако се извини за тајните операции што ги спроведувал во име на холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кого повеќе од 50 жени го обвинија за сексуално вознемирување. Вајнстин негира дека нападнал некого или имал сексуални односи без согласност.
Професионалната мрежа Линкдин во 2023 година објави дека „Блек кјуб“ стоел зад кампања со скриени камери насочена против унгарски активисти и новинари во пресрет на изборите во таа земја во 2022 година.
„Блек кјуб“, кој на својот сајт наведува дека е основан во 2011 година од ветерани на елитни израелски разузнавачки единици, тогаш соопшти дека се занимава исклучиво со работи поврзани со судски спорови и економски криминал и дека дејствува во согласност со правните совети.
„Важно е за политиката и граѓаните што ова беше откриено пред изборите“, изјави Борут Мекина, новинар на неделникот „Младина“ и еден од авторите на извештајот.






