Протести против војната што Израел и Соединетите Американски Држави ја започнаа против Иран на 28 февруари се одржуваат секоја недела во Тел Авив и други поголеми градови.
Во почетокот се собираа само по неколку десетици учесници, но сега нивниот број расте, иако сè уште е далеку од десетиците илјади луѓе што минатата година ги исполнија улиците на Тел Авив протестирајќи против војната во Појасот Газа. На саботните собири се приклучија и голем број поранешни пратеници и истакнати левичарски организации, вклучително и Стендинг Тугедер, Пис Нау и Вимен Вејџ Пис.
Снимките од агенцијата АФП прикажуваат полицајци како ги туркаат демонстрантите во Тел Авив. Слични сцени се забележани и во градот Хаифа на северот на земјата.
Новинарите на АФП од Тел Авив известија дека безбедносните сили насилно туркале дел од демонстрантите, при што некои биле соборени на земја, а најмалку едно лице било држено во зафат на гушење. Според извештајот, приведени се најмалку четири лица.
Според безбедносните правила што важат за време на војната, во Израел се забранети собири поголеми од 50 лица, бидејќи земјата секојдневно се соочува со напади со проектили и ракети од Иран и Либан. Портпаролот на една од организаторските групи потврди за АФП дека протестите не биле одобрени.
Израелската полиција соопшти дека „нелегалните демонстрации“ во Тел Авив биле растерани откако претставник на Командата за внатрешен фронт појаснил дека такво собирање е забрането според вонредните прописи.
ISRAELI POLICE CRACK DOWN ON MASSIVE ANTI-WAR RALLY IN TEL AVIV
Clashes Erupt as Hundreds Face Off Against Security Forces. Organizers Call Today’s Turnout the ‘Largest Protest to Date’pic.twitter.com/W7omxjYkCs
— Clash Observer (@clashobserver) March 28, 2026
Полицијата наведе дека во градот биле уапсени 13 лица. Уште пет лица биле приведени во Хаифа, каде што „демонстрантите почнале да блокираат улица и не се придржувале до упатствата на службениците“, стои во соопштението.
Организаторите од еврејско-арапската активистичка група Стендинг Тугедер соопштија дека полицијата добила „инструкции за апсења и замолчување на несогласувањето“. Додадоа дека „владата се плаши од ширење на протестното движење“.
Десетици Израелци се собраа денеска и во Ерусалим за да протестираат против тековните воени политики и владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, како дел од националните демонстрации што повикуваат на прекин на конфликтот и промена на насоката на власта.
Собирите, поддржани од организации на граѓанското општество и поранешни пратеници, се дел од пошироко движење што врши притисок за мир и политичка одговорност, во услови на растечко незадоволство од „вечната војна“, заканите за демократијата и продолжените воени операции што длабоко го поделиле јавното мислење.
Јавната поддршка за војната против Иран и понатаму е висока во Израел. Анкета објавена во петокот од Израелскиот институт за демократија покажа дека 78 отсто од еврејските Израелци ја поддржуваат војната, во споредба со само 19 отсто кај арапското малцинство во Израел. Сепак, институтот утврди дека уделот на оние што се против војната пораснал од четири отсто во почетокот на март на сегашни 11,5 отсто.






