„Ова е дел од подготовките за проширување на операциите и исполнување на целите на војната, вклучително и ослободување заложници и разбивање на терористичката организација Хамас“, се додава во соопштението.
Израелските медиуми објавија дека проширувањето на операциите ќе започне по завршувањето на патувањето на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот на Персискиот Залив, доколку дотогаш не се постигне нов договор за Газа. Трамп оттогаш го заврши своето повеќедневно патување, а нов договор сè уште не е на повидок.
Вчера, палестинската новинска агенција ВАФА објави дека најмалку 100 луѓе се убиени во северниот дел на Појасот Газа од четвртокот вечерта по повеќекратните израелски воздушни напади, додека здравствените власти контролирани од Хамас соопштија дека се убиени 93 лица, а повеќе од 200 се повредени.
Израелската влада веќе два месеци ја блокира целата помош за територијата, додека меѓународните хуманитарни организации предупредуваат на катастрофални хуманитарни услови. Според здравствените власти контролирани од Хамас, речиси 53.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната со Израел пред повеќе од една и пол година.
Војната беше предизвикана од напад на Хамас и други екстремисти врз израелските заедници во близина на Газа на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници.