Планот, за кој официјалниот претставник рече дека ќе се спроведува постепено, може да доведе до проширување на воените операции во Газа, кои продолжија во март, откако Израел и Хамас не успеаја да се договорат за продолжување на осумнеделниот прекин на огнот.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, генералот Ејал Замир, во неделата изјави дека армијата повикува десетици илјади резервисти и дека Израел „ќе оперира во дополнителни области“ во Газа и ќе продолжи со нападите врз милитантната инфраструктура во енклавата.
Израел веќе контролира околу половина од Газа, вклучително и тампон-зоната долж границата со Израел, како и три коридори од исток кон запад долж територијата. Тие ги потиснаа Палестинците на сè помали делови од таа опустошена територија, пишува агенцијата АП. Израел со недели се обидува да го зголеми притисокот врз милитантната група Хамас и да ја охрабри да покаже поголема флексибилност во преговорите.
Израел во почетокот на март го прекина дотекот на помош за Газа и таа забрана останува во сила, втурнувајќи ги 2,3-те милиони луѓе што живеат во Газа во она што се верува дека е најтешката криза во војната. Гладот е масовен, а немаштијата поттикна и кражби.
Израел на 18 март ги обнови нападите на територијата, по двомесечен прекин на огнот, а оттогаш се убиени повеќе од 2.600 луѓе, според локалните здравствени власти.
Претходниот прекин на огнот требаше да доведе до преговори на страните за завршување на војната, но главниот спор е како да се дојде до тоа. Израел вели дека нема да се согласи да ја прекине војната додека Хамас не биде поразен, додека Хамас бара договор за постепено завршување на војната.