Израелското министерство за надворешни работи утрово објави дека бродот Мадлин кој плови под британско знаме, управуван од пропалестинската Коалиција Флотила на слободата на „безбедно плови кон израелскиот брег“. Министерството додаде дека сите патници на бродот се безбедни и неповредени, и објави снимки на кои се гледа како им се даваат сендвичи и вода.
Во изјава преку портпарол, министерот за одбрана Израел Кац кажа дека ѝ наредил на израелската војска (ИДФ) да им ги покаже на патниците снимките од нападот на 7 октомври по нивното пристигнување во пристаништето Ашдод.
„Антисемитистката Грета и нејзините пријатели кои го поддржуваат Хамас треба точно да видат која е терористичката организација Хамас, која дојдоа да ја поддржат и да дејствуваат за неа“, кажа тој. „Треба да им ги покажат злосторствата извршени врз жените, старите лица и децата и да објаснат против кого се брани Израел“.
Тој ѝ се заблагодари на израелската армија за „брзото и безбедно преземање на контролата врз бродот“ и кажа дека армијата „ќе продолжи со својата праведна и морална борба против убијците од Хамас сè до нивниот пораз, ослободувањето на сите заложници и целосното обновување на безбедноста на Израел “.
Министерството за надворешни работи на Израел претходно соопшти дека патниците на Мадлин ќе „се вратат во своите матични земји“ и дека хуманитарната помош од бродот ќе биде доставена до Газа преку постојните канали.
Тие додадоа дека Тунберг е „на безбедно и добро расположена“ за време на патувањето до Израел, а Мадлен ја нарекоа „селфи брод на славни личности“.
Коалицијата Флотила на слободата објави дека израелските сили ги киднапирале патниците на бродот и пуштиле претходно снимени пораки, откако објавија дека „израелската армија се качила“ на бродот. Климатската активистка Грета Тунберг е меѓу дванаесетте активисти на бродот.
Во денешното соопштение, Хамас го осуди притворањето на екипажот на Мадлин, нарекувајќи го „грубо кршење на меѓународното право“. Тие исто така рекоа: „Ги поздравуваме активистите за слобода од различни земји кои храбро се соочија со заканите и покажаа дека Газа не е сама. Притворањето на Мадлин нема да ги замолчи гласовите на слободните, ниту ќе го запре растечкиот бран на глобална солидарност со Газа“.
На бродот беше и Рима Хасан, француска пратеничка од палестинско потекло во Европскиот парламент, на која ѝ беше забранет влез во Израел поради нејзиното противење на политиката на Израел кон Палестинците. Додека Флотилата на слободата наводно била опкружена со други бродови, Хасан објави на социјалната мрежа Икс: „Израелската војска го уапси екипажот на Флотилата на слободата во меѓународни води околу 2 часот наутро“.
Пренасочувањето на бродот Мадлин следеше откако Кац кажа дека ѝ наредил на израелската војска да го спречи пристанувањето на бродот и „да ги преземе сите потребни мерки“. Обраќајќи им се на Тунберг и другите активисти вчера, тој кажа: „Треба да се вратите бидејќи нема да стигнете до Газа“.
Израел минатиот месец почна да дозволува влез на основна помош во Газа по тримесечната целосна блокада во обид да изврши притисок врз Хамас и да спречи наводно пристигнување на оружје.
Но, хуманитарните организации предупредуваат на заканата од глад ако блокадата не се укине и не заврши војната која трае 20 месеци, а почна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас изврши упад во југот на Израел при што беа убиени повеќе од 1.200 луѓе.
Според министерството за здравство на Газа, повеќе од 54.000 Палестинци се убиени од почетокот на израелската воена кампања. Обидот на Флотилата на слободата минатиот месец да стигне до Газа не успеа откако бродот на групата беше нападнат од беспилотни летала во меѓународни води крај Малта. Групата го обвини Израел за нападот, во кој беше оштетен предниот дел од бродот.
Франческа Албанезе, специјалната известувачка на Обединетите нации за човекови права на палестинските територии, ги повика другите да се обидат да ја пробијат блокадата на Газа со бродови. Таа напиша на социјалните мрежи: „Мадлин можеби не ја достигна својата цел, но мисијата не е завршена. Секое медитеранско пристаниште треба да испрати бродови со помош и порака за солидарност до Газа“.
While #Madleen must be released immediately, every Mediterranean port should send boats with aid, solidarity, and humanity to Gaza. They shall sail together—united, they will be unstoppable.#BreakingTheSiege is a legal duty for states, and a moral imperative for all of us. pic.twitter.com/FeaD1Fq4Dk
— Francesca Albanese, UN Special Rapporteur oPt (@FranceskAlbs) June 9, 2025