Двајца вработени во израелската амбасада во средата вечерта беа застрелани од вооружен маж во Вашингтон додека излегуваа од настан во Еврејскиот музеј, на околу 2 километри од Белата куќа.
Жртвите, Јарон Лишински и Сара Лин Милгрим, биле млад пар што планирал свршувачка, а според луѓето што ги познавале и организациите на кои им припаѓале, тие биле посветени на градење мостови меѓу Арапите и Евреите со надеж дека ќе помогнат да престане крвопролевањето на Блискиот Исток.
Израелските амбасади низ светот веднаш ги зголемија безбедносните мерки, објави Ројтерс.
Осомничениот, идентификуван како 30-годишниот Елиас Родригез од Чикаго, извикувал „Слобода за Палестина, слобода за Палестина“ откако бил уапсен, изјави началничката на полицијата во Вашингтон, Памела Смит.
Родригез претходно беше поврзан со екстремно левичарската група од Чикаго, Партијата за социјализам и ослободување (ПСЛ), според објавата на организацијата на мрежата Икс. Групата соопшти дека Родригез накратко соработувал со еден разгранок на ПСЛ, но таа врска била прекината во 2017 година и тие немале контакт со него повеќе од седум години.
„Немаме никаква врска со овој напад и не го поддржуваме“, соопшти организацијата.
Нападот се случи додека Израел се соочува со зголемена меѓународна изолација поради ескалацијата на воените напади против борците на Хамас во Газа, каде што ја прекина испораката на помош и покрај предупредувањата за глад и срамни со земја голем дел од територијата.

Гидеон Саар, израелскиот министер за надворешни работи, го нарече нападот последица на „токсично антисемитско буцкање против Израел и Евреите низ светот“ од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври 2023 година.
Тој ги обвини критичарите на израелската влада од меѓународните организации и странските владини претставници, „особено од Европа“, кои го обвинија Израел за геноцид и злосторства против човештвото поради војната во Газа.
„Постои директна линија што ги поврзува антисемитските и антиизраелските буцкања со ова убиство“, рече тој. „Ова подбуцнување го прават и лидери и претставници на многу земји и организации, особено од Европа.“
Саар одби да каже на кој лидер или функционери мисли. Но неговите забелешки дојдоа по сè поострите зборови од западните сојузници на Израел, меѓу кои и Франција и Британија, кои ѝ се придружија на Канада оваа недела во предупредувањето за можна „конкретна акција“ против Израел поради неговата војна во Газа.
Американските власти соопштија дека еден осомничен што извикувал пропалестински слогани е во притвор. Претседателот Доналд Трамп и широк спектар европски и други странски лидери го осудија нападот.
Саар рече дека „глобалната атмосфера“ против Израел нагло се влошила по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе, а 251 беа земени како заложници во Газа.
Оттогаш, во израелските воздушни и копнени напади се убиени над 53.000 Палестинци и густо населената територија е опустошена, што предизвика масовни протести низ целиот свет, почнувајќи од универзитетските кампуси на САД па сѐ до улиците на европските градови.
Минатата година, Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да преземе акција за да спречи наводни акти на геноцид во Газа по случајот покренат од страна на Јужна Африка, што предизвика длабок гнев во Израел.
Саар рече: „Овие клевети за геноцид, злосторства против човештвото и убиства на бебиња го отвораат патот токму за такви убиства“.
Војната во Газа
Франција вчера ги отфрли коментарите во кои се обвинуваат европските претставници за антисемитско буцкање. „Франција ги осудуваше, ги осудува и ќе продолжи да ги осудува секогаш и без двоумење сите антисемитски дејствија“, рече портпаролот на француското Министерство за надворешни работи Кристоф Лемоан на редовната неделна прес-конференција, додавајќи дека коментарите се „неоправдани и скандалозни“.
Израел се соочува со бран критики од Европа поради неговата засилена воена кампања во Газа, каде што хуманитарните организации предупредуваат дека единаесетнеделната израелска блокада на испораките на помош ја доведе палестинската енклава на работ на глад.
Израел ја почна офанзивата во Газа откако борците на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските податоци. Во копнената и воздушната офанзива на Израел оттогаш се раселени речиси сите 2,3 милиони жители на Газа и, според здравствените власти во Газа, загинале над 53.000 Палестинци, потсетува Ројтерс.
Нетанјаху вчера изјави дека срцето му е скршено поради семејствата на жртвите, „чии животи ги скратил еден одвратен антисемитски убиец“. „Сведоци сме на страшната цена на антисемитизмот и дивата омраза насочена против државата Израел“, напиша тој на Икс, додавајќи дека против двете „мора да се бориме до крај“.
Нападот, според Ројтерс, најверојатно дополнително ќе ги продлабочи поделбите во САД околу војната во Газа, меѓу поддржувачите на Израел и пропалестинските демонстранти.

Конзервативните поддржувачи на Израел, предводени од американскиот претседател Доналд Трамп, ги означија пропалестинските протести како антисемитски. Неговата администрација апсеше демонстранти без обвиненија и го запре финансирањето на елитните американски универзитети што дозволија да се одржат протестите.
Трамп го осуди пукањето. „Овие ужасни убиства во Вашингтон, јасно засновани на антисемитизам, мора да престанат, веднаш“, рече тој во објавата на Трут сошл. „Во САД нема место за омразата и радикализмот.“
Феликс Клајн, комесарот на германската влада за борба против антисемитизмот, рече дека има причина за страв дека пукањето во Вашингтон може да инспирира имитации „дури и на нашите улици“. „Како општество, затоа треба да останеме будни, а безбедносните мерки за еврејските институции во Германија, исто така, треба да се засилат“, рече Клајн за весниците на медиумската група ФУНКЕ.
Францускиот министер за внатрешни работи испрати писмо до локалните власти низ земјата во кое наведува дека безбедноста треба да се засили на местата поврзани со еврејската заедница, како што се синагогите, и дека овие мерки треба да бидат „видливи и одвраќачки“.
Портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер рече дека владата целосно ја поддржала израелската амбасада во Лондон. „Ние, се разбира, повикуваме овие ограничувања (за хуманитарната помош за Газа) да се укинат… но тоа во никој случај не може да биде оправдување за антисемитизам или за напади како овој“, рече портпаролот.
Нападот во Вашингтон, како што објави Њујорк тајмс, предизвика бран меѓусебни обвинувања меѓу израелските политичари, од кои многумина побрзаа да ги обвинат своите противници дека се индиректно одговорни за антиизраелската клима за која тврдат дека довела до пукањето. Некои тврдат дека политиката на Нетанјаху го поттикнува антиизраелското расположение во странство, додека други вината ја префрлаат на критичарите од редовите на левицата.
Јаир Голан, лидер на левичарската Демократска партија, ја обвини десничарската влада на Нетанјаху, која вети дека ќе ја преземе целосната контрола врз Газа, дека „поттикнува антисемитизам и омраза кон Израел“. „Резултатот е досега невидена политичка изолација и опасност за секој Евреин во секој агол на светот“, се вели во изјавата на Голан.
Итамар Бен-Гвир, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност, сугерираше дека левичарските политичари што се противат на војната, како Голан, го охрабриле нападот во средата давајќи критички изјави кон израелската политика. Тој се осврна на изјавата на Голан оваа недела, во која Голан рече дека израелските сили „убиваат бебиња од хоби“ во Газа. „Крвта на жртвите е на нивните раце“, напиша Бен-Гвир на социјалните мрежи.
Директорот на Американскиот еврејски комитет, Тед Дојч, за Си-ен-ен изјави дека еврејската заедница низ светот се чувствува загрозена. Некои Израелци рекоа дека пукањето ги исплашило и дека сега се плашат да патуваат во странство.
Застапниците на човековите права укажуваат дека антисемитизмот и омразата кон Арапите се зголемени во САД.
Меѓу инцидентите беа неуспешниот напад на еврејски центар во Њујорк, подметнувањето пожар во резиденцијата на гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро и нападите врз фирми на Флорида за кои се верува дека го поддржуваат Израел.
Инцидентите поврзани со предрасудите кон Палестинците вклучуваат фатално прободување со нож на шестгодишно палестинско-американско момче во Илиноис, обид за задавување на тригодишно палестинско-американско девојче во Тексас, напад од произраелска толпа во Њујорк со извици „Смрт за Арапите“ и насилниот напад на толпа врз пропалестински демонстранти во Калифорнија.