Но, таа доверба сега се чини дека исчезна – барем што се однесува до Париз, Лондон и Отава. Трите земји упатија досега најсилна осуда на начинот на кој Израел ја води војната во Газа и повикаа на итно запирање на новата офанзива, која израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја оправдува со целта за уништување на Хамас, ослободување на преостанатите заложници и воспоставување целосна израелска воена контрола врз Газа, пишува Џереми Боуен, уредник за надворешна политика на Би-би-си.
Во заедничка изјава, владите на Франција, Британија и Канада ги отфрлија аргументите на Нетанјаху и јасно ставија до знаење: „Силно се спротивставуваме на проширувањето на израелските воени операции во Газа. Нивото на човечко страдање во Газа е неподносливо“. Тие повикаа на ослободување на преостанатите заложници, потсетија на „грозоморниот напад“ од 7 октомври и истакнаа дека во тој момент верувале дека Израел има право да се брани од тероризам. „Но, она што го гледаме сега е целосно непропорционално“, порачаа тие.
Дозволата на Нетанјаху да пушти „минимална количина храна“ во Газа ја оценија како „целосно несоодветна“.
Нетанјаху: Овие обвинувања се голема награда за Хамас
Премиерот на Израел возврати со обвинувања дека „лидерите во Лондон, Отава и Париз доделуваат голема награда за геноцидниот напад врз Израел на 7 октомври и повикуваат на повеќе вакви злосторства“. Тој истакна дека војната може да заврши само ако Хамас ги врати заложниците, го положи оружјето, се согласи на прогонство на своите лидери и демилитаризација на Газа.
„Ниту една земја не може да прифати помалку од тоа, а Израел сигурно нема“, рече Нетанјаху.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото, што тој го отфрли како „антисемитизам“. Меѓународниот притисок врз него расте, особено откако истакнати организации предупредија дека Газа е во опасност од глад.
На состанокот меѓу Европската Унија и Обединетото Кралство во Лондон, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека хуманитарната криза во Газа е „трагедија во која меѓународното право е систематски прекршено, а целото население е изложено на непропорционална воена сила“. „Хуманитарната помош мора да има безбеден, брз и непречен пристап“, додаде тој.
Одлуката на Нетанјаху да дозволи ограничени испораки во Газа ги налути неговите крајно десничарски коалициски партнери. Министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, осуден во 2007 година за поттикнување расизам и поддршка на екстремистичка еврејска група која Израел ја смета и за терористичка, кажа дека одлуката на Нетанјаху „ќе му даде кислород на Хамас додека нашите заложници скапуваат во тунелите“.
Само пет камиони со помош влегоа вчера во Газа, додека израелските копнени, воздушни и артилериски сили продолжуваат со нападите, убивајќи голем број палестински цивили, вклучувајќи и деца.
Нападот врз медицинскиот конвој ги принуди сојузниците да реагираат
Противниците на уништувањето на Газа од страна на Израел и убивањето на десетици илјади палестински цивили со месеци предупредуваат дека западните влади предолго молчат. Бројни демонстрации се одржаа поради крвопролевањето во Газа и ескалацијата на насилството на Западниот Брег, каде што израелската армија и вооружените доселеници вршат рации и запленуваат земја од Палестинците.
Но, понекогаш некој настан станува симбол што ги принудува владите да реагираат. Овој пат тоа е убиството на 15 медицински лица и хуманитарни работници во израелскиот напад на 23 март. Инцидентот се случи откако Израел го прекрши двомесечното примирје на 18 март со серија воздушни напади.
Пет дена по обновениот конфликт, израелска единица нападна медицински конвој, а потоа ги закопа телата на убиените, заедно со возилата изрешетани од куршуми, во песокот. Официјалната израелска верзија на настаните беше побиена кога од масовната гробница беше пронајден мобилен телефон на една од жртвите – кој го снимал целиот настан пред да биде убиен неговиот сопственик.
Снимките покажаа дека јасно обележаните и осветлени амбулантни возила биле систематски нападнати сè додека речиси сите не биле убиени, со што се побиваат тврдењата на израелската армија дека работниците во амбулантното возило претставувале закана.
Најжестоки критики за израелската офанзива досега
Од тој момент, загриженоста и гневот растеа не само кај традиционалните противници на израелската политика. Европските сојузници, предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, го заострија тонот. Нивната последна заедничка изјава е нивната најсилна критика досега кон израелската офанзива.
Висок европски дипломатски извор вклучен во дискусиите им изјави на новинарите дека острата порака одразува „вистинско чувство на политички гнев поради хуманитарната ситуација, чувство дека е премината границата и дека оваа израелска влада дејствува неказнето“.
Што е уште поопасно за Израел, во соопштението се вели: „Нема да стоиме настрана додека владата на Нетанјаху продолжува со овие сериозни прекршувања. Доколку Израел не ја прекине новата воена офанзива и не ги укине ограничувањата за хуманитарна помош, ќе преземеме понатамошни конкретни чекори како одговор“.
Кои точно би можеле да бидат тие чекори не е прецизирано. Но, една можност се санкциите. Уште посериозен потег би бил формална одлука за признавање на Палестина како независна држава.
Франција размислува токму за тоа – да им се придружи на 148-те земји кои веќе ја признаа Палестина – на конференција што ја коорганизираат со Саудиска Арабија на почетокот на јуни во Њујорк. Британија веќе разговараше за оваа тема со Французите.
Израел, кој остро реагира на ова, им порача дека на овој начин ќе му дадат победа на Хамас. Но, тонот на заедничката изјава на Франција, Канада и Обединетото Кралство покажува дека Израел повеќе нема исто влијание врз овие сојузници.
ОН: Во рок од 48 часа, 14.000 бебиња би можеле да умрат во Газа
Обединетите нации предупредуваат на катастрофа. Шефот на хуманитарната канцеларија на ОН, Том Флечер, утрово за Би-би-си изјави дека ако помошта не пристигне наскоро, 14.000 бебиња би можеле да умрат во Газа во рок од 48 часа. Тој ги опиша петте камиони со помош што пристигнаа во понеделникот како „капка во морето“, сосема недоволни за потребите на населението.
Еден ден претходно, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејесус, предупреди дека два милиони луѓе гладуваат во Газа, додека „тони храна се блокирани на границата“ затоа што Израел не ги пушта да поминат.
Во меѓувреме, додека Израел најавува „невиден напад“ врз инфраструктурата на Хамас, војската нареди евакуација на Кан Јунис, а илјадници Палестинци почнаа да бегаат.