Израелските министри Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрих беа вклучени „на официјалниот список на санкционирани лица“ и „нема да им биде дозволено да влезат на шпанска територија“, објави Хозе Мануел Албарес по енергичниот дијалог меѓу Израел и Шпанија откако премиерот на таа европска земја презентираше мерки насочени кон „запирање на геноцидот во Газа“.
Вчера, премиерот Педро Санчез објави девет мерки против Израел, вклучително и ембарго за оружје, насочени кон „запирање на геноцидот“ што земјата го спроведува во Палестина. „Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да убиваш деца со глад“, кажа Санчез во говорот од зградата на владата во Мадрид.
„Не станува збор за одбрана, па дури ни за напад, туку за истребување на народ кој не може да се одбрани. Сите закони на хуманитарното право се прекршени тука“, додаде тој. Санчез ја обвини меѓународната заедница за учество во злосторството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, потсетувајќи дека израелската армија убила 63.000 луѓе, ранила 159.000, изгладнува 250.000 и протерала повеќе од 2 милиони од нивните домови.
„Шпанската влада итно ќе усвои мерка со која законски ќе се регулира воведувањето ембарго за оружје врз Израел“, рече Санчез. Со ова ќе се забрани купување и продажба на оружје, муниција и воена опрема во Израел.
На шпанските пристаништа нема да им биде дозволено да примаат бродови што транспортираат гориво за израелската армија, додека на авионите што транспортираат материјал за израелските вооружени сили ќе им биде забрането да влегуваат во шпанскиот воздушен простор.
Мадрид, исто така, ќе го забрани увозот на сите производи што доаѓаат од израелските населби во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа со цел „да ја потисне окупацијата, да ги запре присилните протерувања и да овозможи решение за две држави“.
Вчера, Израел ја нарече Шпанија „антисемитска“ земја и им забрани на шпанската премиерка Јоланда Дијаз и министерката за млади Сири Рего да влезат во таа блискоисточна земја. „Тие ги надминаа сите мерки (со своите изјави). Тие покажуваат јасна поддршка за тероризмот и насилството врз Израелците“, напиша израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар на мрежата Икс.






