„Хутите повторно лансираат ракети кон Израел. Чумата на темнината, чумата (на смртта) на првороденото, ќе ги направиме сите 10 чуми“, порача Кац на социјалната мрежа Икс, според Тајмс оф Израел.
Израелската војска (ИДФ) соопшти дека две ракети биле пресретнати, дека третата паднала надвор од Израел и дека нема повредени, но дека една од ракетите имала боева глава од касетна бомба.
Ракетниот оган кон Израел е одговор на атентатот врз лидерот на владата формирана од хутите во Јемен, Ахмед Галеб ал Рахави.
Израелските сили го нападнаа јеменскиот главен град Сана, кој е под контрола на хутите, во четвртокот, 28 август, за време на телевизиското обраќање на бунтовничкиот лидер Абдел Малик ал Хути.
Според соопштението на израелската војска, еден воен објект на бунтовниците бил погоден. Израелските медиуми објавија дека цел на нападот биле високи членови на јеменските хути, вклучувајќи го министерот за одбрана и началникот на Генералштабот, и дека авионите извршиле повеќе од 10 напади врз објект каде што членовите на движењето се собрале за да го гледаат обраќањето на нивниот лидер.






