Преговорите ќе почнат со состанок меѓу израелскиот амбасадор во САД Јехиел Лајтер и неговата либанска колешка Нада Хамаде Моавад, објави Ројтерс.
Либанското претседателство соопшти дека двајцата функционери во петокот разговарале телефонски и договориле средба во американското Министерство за надворешни работи за да разговараат за објавување примирје и да утврдат датум за билатерални преговори со посредство на САД.
Израелската амбасада во Вашингтон соопшти дека со тој разговор ќе започнат „официјални мировни преговори“, истакнувајќи дека Израел одбива да разговара за прекин на огнот со Хезболах.
Прекинот на нападите во Либан е еден од условите што ги бара Иран во паралелните преговори со САД закажани за овој викенд, наведува Ројтерс.
Либанскиот претседател Џозеф Аун изрази подготвеност за започнување директни преговори со Израел со цел да се запрат нападите уште една недела по почетокот на судирот, додавајќи дури и дека е подготвен за нормализација на односите.
Владата во Тел Авив го одби тој предлог, наведувајќи дека пристигнал предоцна и дека либанската влада, која ја дели израелската цел за разоружување на Хезболах, не може да дејствува против групата без ризик од граѓанска војна.
САД и Иран во вторникот објавија примирје. Неговата примена ја условуваат со отворање на Ормускиот теснец, односно со прекин на огнот во Либан.
Почетокот на преговорите со Либан израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го навести во четвртокот.






