четврток, 15 јануари 2026

Израел и Иран постигнале таен договор преку Русија

Во екот на високи тензии, Израел и Иран тајно, со посредство на Русија, размениле пораки во кои меѓусебно се уверуваат дека нема први да започнат напад. Неколку дена пред во Иран да избијат протести кон крајот на декември, израелски функционери преку Москва го известиле Техеран дека нема да го нападнат Иран доколку не бидат први нападнати. Иран преку истиот канал одговорил дека исто така ќе се воздржи од превентивен напад, наведуваат дипломати и регионални функционери запознаени со комуникацијата, пишува Вашингтон пост.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа комуникација е невообичаена со оглед на непријателството меѓу двата блискоисточни ривали, кои во јуни минатата година водеа 12-дневна војна. Според дипломатите, контактите ја одразувале желбата на Израел да избегне ескалација во период кога се подготвувал за воена кампања против Хезболах, либанската милиција поврзана со Иран.

Приватните уверувања биле во спротивност со јавната реторика на израелските функционери кон крајот на минатата година, кога отворено навестувале можност за нови напади врз Иран со цел да се спречи обновувањето на залихите на балистички ракети.

Иако иранските функционери позитивно одговориле на израелската иницијатива, тие останале претпазливи, изјавиле двајца функционери запознаени со размената на пораки. Иран верувал дека, дури и ако израелските гаранции се искрени, останува отворена можноста американската војска да изведе напади врз Иран во рамките на координирана кампања, додека Израел својата воена моќ би ја насочил исклучиво кон Хезболах.

Сепак, „за Иран тоа било добар договор“ да остане надвор од можен судир меѓу Израел и Хезболах, изјавил висок регионален функционер под услов на анонимност. Американски функционери навеле дека иранската поддршка за Хезболах и онака веќе ослабела, додека Техеран се соочува со внатрешни немири.

Не е јасно како протестите во Иран во последните недели ги промениле пресметките на двете страни и дали тие и понатаму ќе се придржуваат до приватниот договор. Аналитичарите сметаат дека ситуацијата дополнително би можела да се искомплицира и поради тоа што американскиот претседател Доналд Трамп разгледува напади врз цели на иранскиот режим како одговор на задушувањето на протестите, што би можело да го испровоцира Иран на одмазда кон Израел.

Висок ирански функционер изјавил за Ројтерс дека, доколку биде нападнат, Иран ќе возврати со удари врз американски воени бази на Блискиот Исток, без да го спомне Израел меѓу можните цели.

Последната размена на пораки се случила кон крајот на декември, кратко по посетата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Москва. Русија и претходно се обидувала да посредува меѓу двете земји. Според руски академик близок до дипломатите, Кремљ претходно му понудил посредување и на Трамп, но тој ја одбил понудата, порачувајќи им на Русите „прво да се позанимаваат со Украина“.

Не е познато дали размените во декември се случиле со знаење на Вашингтон. Израелската јавна телевизија КАН минатата недела објави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху неодамна го замолил рускиот претседател Владимир Путин да пренесе пораки до Иран. Портпаролите на кабинетот на Нетанјаху и на Кремљ не одговориле на барањата за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ