среда, 14 јануари 2026

Израел гради пат низ срцето на Западниот брег за да ја поткопа палестинската држава

Израел планира следниот месец да почне со работа на обиколницата која на Палестинците ќе го им затвори пристапот до централниот дел од окупираниот Западен брег и ќе ја консолидира фактичката анексија на областа клучна за одржливоста на идната палестинска држава.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е патот кој е клучен дел од планот за изградба на голема нова нелегална израелска населба во областа Е1, источно од Ерусалим, чија реализација дополнително би го поделила окупираниот Западен брег. Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич изјави дека целта на овие планови е „да се закопа идејата за палестинска држава“.

Обиколницата е дизајнирана како затворен транзитен коридор за палестински возила и ќе послужи како изговор за Израел да им забрани на Палестинците да ги користат постоечките патишта во областа на планираната населба, каде што ќе патуваат само израелски возила.

Проектот го доби прекарот „пат на суверенитетот“ уште во 2020 година, кога почетната изградба беше одобрена од тогашниот министер за одбрана Нафтали Бенет, кој отворено ја прослави неговата улога како средство за анексија. „Ние го применуваме суверенитетот со дела, а не со зборови“, кажа тој во тоа време.

Актуелниот израелски министер за одбрана Израел Кац минатата година изјави дека изградбата на патишта и проширувањето на населбите дополнително ќе ја зајакнат „контролата“ на Израел врз окупираниот Западен брег.

Зоната Е1 опфаќа околу 3 отсто од окупираниот Западен брег. Станува збор за триаголникот на земјиштето помеѓу Ерусалим, Витлеем и Рамала, кој се смета за клучен за територијалниот континуитет, развојот и економската одржливост на идната палестинска држава.

Противниците на проектот ја нарекуваат обиколницата „апартхејдски пат“ бидејќи ги принудува Палестинците и Израелците да се вклучат во посебни сообраќајни системи.

Патот ќе биде и инструмент за етничко чистење на преостанатите палестински заедници во областа, предупредува Хагит Офран, експерт за населби од израелската организација Мир сега. „Тие сакаат земја, не сакаат луѓе“, вели Офран.

Доколку се изгради новата израелска населба во Е1, таа практично ќе го пресече Западниот брег на северен и јужен дел за Палестинците и дополнително ќе го изолира окупираниот Источен Ерусалим од другите палестински заедници.

Изградбата на транзитен пат за Палестинците, нагласува Офран, не може да ги компензира последиците од анексијата на самото земјиште за израелските доселеници.

Палестинците погодени од проектот беа информирани минатата недела за претстојниот почеток на работата, откако се обидоа да ја спречат изградбата на обиколницата преку судовите. Нивниот адвокат Нета Амар Шеиф добил писмо во кое им се даваат 45 дена да поднесат приговор.

Планираната траса на патот минува преку куќи во заедницата Ас сараја, кои се предвидени за рушење. Другите заедници, вклучувајќи ги Елазарија, Абу дис и Савахра, ќе останат изолирани во рамките на израелскиот блок населби.

„Теоретски, тие можат да постават контролен пункт во Елазарија и да издаваат дозволи за движење на жителите, но не можете да одржувате нормален живот во заедницата ако сте енклава среде израелските населби“, рече Офран.„Најверојатно е дека овие заедници ќе бидат отсечени од нивната околина и или веднаш ќе бидат иселени или постепено ќе бидат истиснати“.

Изградбата на патот се одвива во време кога Израел се подготвува да започне со изградба на повеќе од 3.000 станбени единици во областа Е1, во близина на постојната населба Маале адумим.

Во моментов, секој што патува од Е1 кон Израел мора да помине низ контролен пункт за да стигне до Ерусалим. Откако на Палестинците ќе им биде забранет пристап до патиштата во областа, контролниот пункт ќе биде отстранет, овозможувајќи им на Израелците непречен сообраќај до Ерусалим.

„Можат да почнат со изградба без асфалтирање на патот, можат дури и да го изградам Е1 без патот, но сообраќајот тогаш ќе биде голем проблем“, вели Офран. „Ако навистина сакате да привлечете луѓе, ви треба пат. Тоа е дел од целиот концепт“.

Кога Израел даде формално одобрение за планирање на проектот Е1 минатата година, повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Канада и Австралија, ја осудија одлуката како неприфатливо кршење на меѓународното право што се заканува со понатамошно ескалирање на насилството.

Меѓународниот суд на правдата на ОН во 2024 година пресуди дека израелската окупација на палестинските територии е нелегална и во советодавно мислење му наложи на Израел да ја прекине „што е можно побрзо“ и да плати целосна отштета.

И покрај ова, израелската влада продолжи со агресивна политика на проширување на населбите низ целиот Западен Брег, без значително спротивставување од која било релевантна политичка партија во земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ