недела, 7 декември 2025

Израел го прекршил примирјето во Газа 282 пати, убиени се стотици цивили

Еден месец по прогласувањето на прекин на огнот во Појасот Газа, Израел го прекршил договорот со речиси секојдневни напади во кои загинале стотици луѓе, пишува Ал џезира. Канцеларијата за медиуми на владата во Газа објави дека Израел го прекршил прекинот на огнот најмалку 282 пати од 10 октомври до 10 ноември, продолжувајќи со воздушни и артилериски напади и отворајќи директен оган.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според нивните податоци, Израел пукал врз цивили 88 пати, 12 пати навлегол во станбени области надвор од договорената „жолта линија“, 124 пати ја бомбардирал Газа и 52 пати уништил приватен имот, при што притворил 23 Палестинци.

На 29 септември Соединетите Американски Држави го презентираа предлогот од 20 точки за прекин на војната, ослободување на затворениците, дозволување влез на хуманитарна помош и повлекување на израелските сили. Првата фаза, која е во тек, вклучува прекин на непријателствата, укинување на блокадата за помош, ослободување на сите затвореници од Газа во замена за околу 2.000 палестински затвореници и повлекување на израелските сили до „жолтата линија“.

Договорот беше потпишан на 13 октомври на церемонија со која претседаваше американскиот претседател Доналд Трамп, но Израел и Хамас беа отсутни, што веднаш покрена сомнежи за неговата спроведливост. Во меѓувреме, Израел повтори дека нема да дозволи создавање палестинска држава, додека САД продолжија да обезбедуваат оружје и дипломатска поддршка.

Според анализата на Ал џезира, Израел ја нападнал Газа во 25 од последните 31 дена од прекинот на огнот, што значи дека имало само шест дена без пријавени напади, смртни случаи или повреди. И покрај ова, САД инсистираат дека „прекинот на огнот“ е сè уште на сила.

Откако прекинот на огнот стапи на сила на 10 октомври, Израел убил најмалку 242 Палестинци и ранил 622, според палестинското министерство за здравство. Најсмртоносните денови биле 19 и 29 октомври, кога биле убиени вкупно 154 лица.

На 19 октомври, откако двајца израелски војници беа убиени во Рафа, израелските сили убиле 45 лица во бран воздушни напади, обвинувајќи го Хамас за кршење на прекинот на огнот. Бригадите Ал Касам, вооруженото крило на Хамас, истакнаа дека Израел ја контролира областа и дека тие немале никаков контакт со борците таму.

Десет дена подоцна, на 29 октомври, Израел убил 109 лица, меѓу кои и 52 деца, по размена на оган во која еден израелски војник го загуби животот. Коментирајќи ги нападите, Трамп им кажа на новинарите: „Израелците возвратија, и требаше да возвратат“, нарекувајќи ги нападите „одмазда“.

Според најновите податоци од палестинското министерство за здравство, од 7 октомври 2023 година до 10 ноември 2025 година убиени се најмалку 69.179 лица, меѓу кои 20.179 деца, а најмалку 170.693 се ранети.

Иако договорот предвидуваше дека „полната помош ќе биде веднаш испратена во Појасот Газа“, ситуацијата на терен е поинаква. Светската програма за храна (ВФП) вели дека само половина од потребната помош во храна стигнува до Газа, додека коалицијата на палестински хуманитарни агенции тврди дека вкупните испораки се само четвртина од она што беше договорено.

Бројките за камионите со помош варираат во голема мера: ОН регистрирале пристигнување на 3.451 камион, Владината канцеларија за медиуми во Газа 4.453 од очекуваните 15.600, додека Белата куќа тврди дека речиси 15.000 камиони со комерцијална стока и помош влегле во Газа.

Покрај тоа, Израел блокира повеќе од 350 основни прехранбени производи како што се месо и млечни производи и дозволува увоз на нехранлива храна како што се грицки, чоколадо и безалкохолни пијалоци.

Според договорот, Хамас на 13 октомври ги ослободи 20-те преостанати живи израелски затвореници во замена за 250 Палестинци кои отслужуваат долги затворски казни и 1.700 кои Израел ги одвел од почетокот на војната. Договорот, исто така, вклучува враќање на телата на 28 израелски затвореници во замена за 360 палестински тела кои ги држи Израел.

До 10 ноември Хамас ги врати телата на 24 затвореници, велејќи дека им е потребна тешка механизација за да ги извлечат преостанатите четири тела од урнатините. Израел досега вратил 300 палестински тела, од кои многу се наводно осакатени и со знаци на мачење.

Според Институтот Либер, прекинот на огнот е наменет за запирање на активните борби, но неговиот статус во меѓународното право може да биде двосмислен. Прекинот на непријателствата подразбира прекин на активните воени операции.

Нивното продолжување би претставувало прекршување на политички договор, но не мора да значи прекршување на меѓународното право, освен ако прекинот на огнот не е дел од обврзувачки договор или резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ