вторник, 15 јули 2025

Израел го нападна Иран, погоден нуклеарен реактор, учествувале повеќе од 200 израелски борбени авиони (ВИДЕО)

Израел синоќа изврши голем воздушен напад врз нуклеарниот комплекс Натанз во Иран, главниот објект за збогатување ураниум во земјата, како дел од воената операција наречена „Операција Исправен лав“.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Портпарол на израелската војска изјави дека Иран лансирал повеќе од 100 дронови кон Израел во последните часови, откако Техеран се закани со одмазда за израелските напади.

Во исто време, беше потврдено дека околу 200 израелски борбени авиони учествувале во ноќешните напади врз повеќе од 100 цели во Иран. „Израел го очекуваат тешки часови“, рече портпаролот, според Ројтерс.

Израелските воздухопловни сили досега извршиле пет бранови напади врз Иран, изјави израелски воен функционер за Тајмс оф Израел.

„Вкупно беа извршени стотици напади“, додаде тој.

Израел погоди клучен нуклеарен реактор во својот напад врз Иран. Меѓу нив е и нуклеарниот реактор Натанз, клучен за нуклеарната програма на Иран.

Во раните утрински часови, според информациите на иранската државна телевизија, објавени од Ројтерс, имало нови експлозии во нуклеарната централа Натанз, околу 225 километри јужно од Техеран. Се работи за еден од централните објекти за збогатување ураниум во Иран, чија важност за нуклеарната програма на земјата е повеќе пати потврдена и следена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

МААЕ потврди дека објектот во Натанз бил меѓу целите на Израел во неговата последна воена операција и дека e во контакт со иранските власти за да утврди можни промени во нивоата на зрачење.

Комплексот Натанз, кој се наоѓа во централната покраина Исфахан, е еден од најважните објекти во нуклеарната програма на Иран. Таму се наоѓаат голем број центрифуги за збогатување ураниум, вклучувајќи напредни модели што ги користи Иран за да постигне нивоа на чистота на ураниум до 60% – многу блиску до нивото потребно за производство на нуклеарно оружје. Поради оваа причина, Натанз со години е под внимателен надзор на инспекторите на МААЕ, но исто така е и постојана цел на израелски напади и саботажи.

Објектот е изграден и надграден под земја за да биде поотпорен на воздушни напади, но експлозиите потврдени утрово од ирански и израелски извори сугерираат дека бил погоден и покрај овие заштитни мерки.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападите имале за цел „да ѝ нанесат штета на нуклеарната инфраструктура на Иран, фабриките за балистички ракети и многу воени капацитети“.

Во однапред снимена изјава објавена на Јутјуб, тој рече: „Оваа операција ќе трае колку што е потребно за да ја одбиеме заканата од уништување која виси над нас“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ