сабота, 12 јули 2025

Израел го интензивира бомбардирањето на Газа

Палестинците во северниот дел на Појасот Газа синоќа беа подложени на едно од најжестоките израелски бомбардирања во последните недели откако израелската армија нареди масовна евакуација, додека се очекуваат израелски претставници во Вашингтон за нови разговори за прекин на огнот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп повика на крај на 20-месечната војна во Појасот Газа, се очекува близок соработник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да пристигне во Белата куќа на разговори за Појасот Газа, за Иран и можни пошироки регионални дипломатски договори.

Но, во Појасот Газа, борбите не стивнуваат.

„Експлозиите воопшто не престанаа; бомбардираа училишта и куќи. Беше како земјотрес“, вели 60-годишниот Салах, татко на пет деца од градот Газа. „Слушаме во вестите дека прекинот на огнот е близу, но на терен гледаме смрт и слушаме експлозии.“

Палестинците тврдат дека најмалку 38 лица се убиени

Израелски тенкови влегоа во источното предградие Зејтун во градот Газа и гранатираа неколку области на север, а авиони бомбардираа најмалку четири училишта откако им наредија на стотици семејства кои се засолнуваа таму да заминат, кажаа жителите.

Најмалку 25 лица беа убиени во израелските напади денес, соопштија здравствените власти, вклучувајќи десет во Зејтун.

Израелската војска тврди дека нападнала цели на милитанти во северна Газа, вклучувајќи ги командни и контролни центри. Силното бомбардирање следеше по новите наредби до Палестинците да ги евакуираат северните области, каде што израелските сили претходно напаѓаа и оставија пустош.

Армијата им нареди на жителите да се упатат кон југ за да може да се бори против милитантите на Хамас во северна Газа, вклучително и во централниот дел на Газа.

Здравствените претставници во болницата Насер во Кан Јунис денес изјавија дека најмалку 13 лица се убиени југозападно од Газа, со што вкупниот број на загинати денес достигна најмалку 38, според палестинските тврдења. Повеќето од жртвите се убиени во пукањето, но жителите рекоа дека имало и воздушен напад. Израелската армија не коментираше за тоа.

Следни чекори

Еден ден откако Трамп повика на договор за Газа и враќање на заложниците, се очекува израелскиот министер за стратегиски прашања Рон Дермер, близок помошник на Нетанјаху, да пристигне во Белата куќа на разговори за Иран и Газа, изјави израелски функционер.

Во меѓувреме, се очекува состанок на кабинетот за безбедност во Израел на кој ќе се разговара за следните чекори во Газа.

Началникот на израелската армија во петокот изјави дека копнената операција е блиску до постигнување на своите цели, а Нетанјаху во неделата изјави дека се отвориле нови можности за враќање на заложниците. Се верува дека 20 заложници се уште се живи.

Информирани палестински и египетски извори изјавија дека катарските и египетските посредници го засилиле контактот со двете страни, но сè уште не е одреден датум за нова рунда преговори.

Официјален претставник на Хамас изјави дека напредокот зависи од тоа дали Израел ќе ја промени својата позиција и ќе се согласи да ја заврши војната и да се повлече од Газа. Израел истакнува дека ќе ја заврши војната само кога Хамас ќе биде разоружен и распуштен. Хамас не сака да го положи оружјето.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави дека Израел се согласил со американскиот предлог за 60-дневен прекин на огнот и договор за заложници.

„Израел е сериозен кога вели дека сака да постигне договор за заложниците и прекин на огнот во Газа“, изјави тој пред новинарите во Ерусалим.

Соединетите Американски Држави предложија 60-дневен прекин на огнот и ослободување на половина од заложниците во замена за палестински затвореници и телата на други Палестинци. Хамас има намера да ги ослободи заложниците како дел од договорот што гарантира крај на војната, но Израел постојано ги прекршува договорите за примирје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ