Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи е мртов и неговото тело е пронајдено, изјави за Ројтерс висок израелски функционер. Високи израелски функционери за повеќе медиуми рекоа дека ајатолахот е мртов, но од Иран засега нема официјална потврда. Според тврдењата што ги пренесуваат израелските медиуми, неговото тело било пронајдено во урнатините на палатата.
Израелски Канал 12 објави и дека на премиерот Бенјамин Нетанјаху наводно му била презентирана документација за телото на Хамнеи.
Footage circulating online appeared to show smoke rising in central Tehran after a reported strike near Iran’s Supreme Leader’s office complex. pic.twitter.com/f3ac9a0jOf
— Iran International English (@IranIntl_En) February 28, 2026
Според Ројтерс и други светски медиуми, израелските функционери тврдат дека постојат силни индикации дека Хамнеи е ликвидиран и дека неговиот комплекс бил тешко уништен во нападите. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека „има многу знаци“ оти врховниот водач „повеќе не е со нас“. Нетанјаху го повика иранскиот народ да ја искористи можноста и да „ја доврши работата“, односно да го собори режимот, тврдејќи дека ајатолахот Хамнеи можеби повеќе не е жив.
Некои медиуми наведуваат дека Израел дури им пренел на сојузниците информации дека телото на Хамнеи е пронајдено, но овие тврдења засега не се потврдени од независни извори.
Иран: врховниот водач е жив
И покрај овие тврдења што доаѓаат од Израел, од Техеран и понатаму нема никаква официјална реакција ниту потврда за судбината на врховниот водач.
„Непријателот прибегнува кон психолошко војување, сите треба да бидат свесни“, рече шефот за односи со јавноста во канцеларијата на иранскиот врховен водач, пренесуваат иранските државни медиуми.
Иранската агенција Тасним утрово објави дека седум ракети погодиле подрачје во близина на претседателската палата и комплексот на врховниот верски водач во Техеран. Сателитските снимки открија дека резиденцијата на ајатолахот била целосно уништена во нападот.
We obtained the first known satellite image of Ayatollah Ali Khamenei’s compound in Tehran. There are several destroyed buildings. While the current whereabouts of Iran’s supreme leader are unknown, the compound is generally used as his official residence. 🛰️📸: @Airbus pic.twitter.com/48krjclMBL
— Christiaan Triebert (@trbrtc) February 28, 2026
Претходно иранските медиуми пренесоа дека иранскиот врховен водач Али Хамнеи се наоѓа надвор од Техеран, префрлен на безбедна локација, а потоа беше објавено и дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан е „на безбедно и здрав“.
Иранското министерство за надворешни работи пред неколку часа соопшти дека врховниот водач и претседателот на земјата се живи и здрави, откако се појавија информации за нападот врз комплексот во Техеран. „Сите се безбедни и неповредени“, рече портпаролот на министерството.
Можни последици ако се потврди смртта
Ако навистина се потврди смртта на Хамнеи, тоа би можело да предизвика длабока политичка криза во Иран, бидејќи врховниот водач го има последниот збор за сите клучни одлуки во државата и е централна фигура во системот на власт.
Можно е да се отвори борба за наследство меѓу верските структури, Револуционерната гарда и политичките елити, што би можело да ја дестабилизира земјата и поширокиот регион.
Но во моментов судбината на Али Хамнеи останува нејасна. Израел тврди дека е мртов, Иран инсистира дека е жив, а независна потврда нема.
Светските медиуми предупредуваат дека конечната вистина може да се дознае дури во наредните часови или денови.






