среда, 25 март 2026

Изненадување на избори на Флорида: демократите слават, комшиите на Трамп испратија јасна порака

Ова е 29-то место што демократите го презеле од републиканците откако Трамп се врати во Белата куќа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Демократката Емили Грегори победи на вонредните избори за испразнето место во Претставничкиот дом на Флорида. Таа освои мандат во округот во кој се наоѓа Мар-а-Лаго, имот во Палм Бич што претседателот на САД Доналд Трамп го наведува како своја резиденција.

Трамп го поддржа нејзиниот противкандидат, Џон Мејплс. Во објава на социјалните мрежи во понеделникот ги повика гласачите да излезат на избори, порачувајќи дека Мејплс има поддршка од „многу негови пријатели од округот Палм Бич“.

Демократите победата ја прогласија за нов знак дека гласачите се вртат против Трамп и против републиканците во пресрет на изборите за Конгресот во ноември. Ова е уште една во низата убедливи или неочекувани победи на демократите на вонредните избори низ земјата откако Трамп пред повеќе од една година се врати во Белата куќа.

Округот претходно го претставуваше републиканецот Мајк Карузо, кој поднесе оставка за да премине на нова функција во округот Палм Бич. На изборите во 2024 година победи со предност од 19 проценти.

„Ако Мар-а-Лаго е ранлив, замислете што е можно во ноември“, рече Хедер Вилијамс, претседателка на организацијата Демократски законодавен кампањски комитет. Таа додаде дека ова е 29-то место што демократите го презеле од републиканците откако Трамп се врати во Белата куќа.

„Цените на горивата растат, цените на храната се повисоки, а семејствата едвај врзуваат крај со крај. Јасно е дека на гласачите им е преку глава од републиканците“, изјави Вилијамс.

Со речиси сите изброени гласови, Грегори води со 2,4 проценти, односно 797 гласа.

Грегори пораснала во Стјуарт, северно од Палм Бич. Таа е сопственичка на фитнес-компанија што работи со бремени жени и родилки и досега не се кандидирала на избори. Во разговор за Ем-ес-ен-би-си по победата изјави дека е „прилично шокирана“.

Демократите во последно време остварија неколку забележливи победи во републиканската Флорида. Во декември Ајлин Хигинс победи на изборите за градоначалник на Мајами, што е првпат по речиси три децении некој од Демократската партија да застане на чело на тој град.

Таа го победи републиканскиот кандидат што Трамп го поддржа во кампања што силно се фокусираше на критика на имиграциската политика на претседателот, што особено одекна меѓу многубројната хиспанска популација.

Поназапад, во Тексас, демократот Тејлор Ремет освои мандат во државниот Сенат во округ што се сметаше за сигурен за републиканците, и тоа на вонредни избори во јануари. Таа трка во Тексас ги охрабри демократите, кои бараат какви било знаци на напредок откако ја загубија власта во Вашингтон.

Но победата во округот на Трамп предизвика особено воодушевување. „Ако демократите можат да победат во дворот на Трамп, тогаш, по ѓаволите, можеме да победиме каде било во земјата. Комшиите на Доналд Трамп испратија сосема јасна порака: лути се и подготвени за промена“, изјави претседателот на Демократскиот национален комитет Кен Мартин.

Трамп на изборите гласал по пошта, а неговиот глас е евидентиран, покажуваат податоците на гласачите во округот Палм Бич. Иако јавно го критикуваше гласањето по пошта и тврдеше дека поттикнува измами, сепак одлучил токму така да гласа.

Трамп поголем дел од животот поминал во Њујорк, но за време на својот прв мандат го смени живеалиштето и избирачката регистрација на Флорида. Мар-а-Лаго во меѓувреме стана место на собирање на неговите сојузници, бизнисмени и странски лидери што сакаат да ја придобијат неговата наклонетост, а како претседател таму често ги поминува викендите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ