Во текстот се наведува изјавата на Додик за Радио и телевизија на Република Српска дека не се плаши од санкции поради неговата планирана посета на Москва на 9 мај, на покана на рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакам да бидам таму во тоа време и ќе одам“, изјави Додик.
Додик тврди дека не се плаши од санкции од ЕУ бидејќи за време на посетата на Русија ќе се сретне со „еден од најважните светски лидери“. Тој додаде дека му претставува голема чест што ја добил поканата од рускиот претседател за одбележување на 80-годишнината од победата во Втората светска војна.
ТАСС наведува и дека Додик ја истакнал важноста од одбележувањето на датумите поврзани со антифашистичката борба во Европа за време на Втората светска војна. Тој смета дека тоа е неопходно за иднината на европскиот континент.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас најави дека Брисел ќе побара од претставниците на земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ да не патуваат во Москва на 9 мај. Во исто време таа покани што е можно повеќе европски лидери да отпатуваат во Киев тој ден.
Еден од условите за влез во Европската Унија е кандидатите постепено да ја усогласуваат својата надворешна политика со политичкиот правец на ЕУ, иако тие самите немаат никакво влијание врз нејзиното обликување.
Босна и Херцеговина доби кандидатски статус за членство во Европската Унија на крајот на 2022 година.