понеделник, 9 март 2026

Изборот на Моџтаба Хамнеи: Иран тргнува во директен судир со САД

Со именувањето на Моџтаба Хамнеи, тврдата струја ја зацврстува контролата во Техеран – потег што би можел да ја преобликува војната на Иран со САД и Израел и да има последици далеку надвор од Блискиот Исток.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иранското верско раководство избра судир наместо компромис со именувањето на Моџтаба Хамнеи за наследник на неговиот татко Али Хамнеи, потег што регионалните функционери го гледаат како директен одговор на американскиот претседател Доналд Трамп, кој неговиот син го прогласи за „неприфатлив“, пишува агенцијата Ројтерс.

Врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи беше убиен во американско-израелски напад во почетокот на конфликтот, кој сега влегува во втората седмица.

Со именувањето на Моџтаба за негов наследник од страна на Собранието на експерти, тврдата струја ја зацврстува контролата во Техеран – потег што би можел да ја преобликува војната на Иран со САД и Израел и да има последици далеку надвор од Блискиот Исток.

„Тоа што Моџтаба ја презема власта значи продолжување на истата политика. Големо понижување е за САД да изведат операција од вакви размери, да преземат толкав ризик и на крај да убијат 86-годишен човек, за да го замени неговиот тврдокорен син“, вели Алекс Ватанка, виш соработник во Институтот за Блискиот Исток.

Во сложениот ирански теократски систем, врховниот водач го има последниот збор за сите клучни државни прашања, вклучително и за надворешната политика и нуклеарната програма, како и за насоките на избраниот претседател и парламент.

Одлука што го води Иран кон уште поголема конфронтација

Аналитичарите велат дека изборот на Моџтаба, изразито тврдокорен свештеник, чија сопруга, мајка и други членови од семејството исто така загинаа во американско-израелските напади, испраќа недвосмислена порака: иранското раководство ја отфрлило секоја можност за компромис со цел да го зачува системот и не гледа друг пат освен конфронтација, одмазда и издржливост, пишува Ројтерс.

Според извори од системот, Моџтаба ќе се соочи со огромни внатрешни и надворешни притисоци – од незадоволно население до ескалација на конфликтот – но се очекува брзо да почне да ја консолидира власта.

Тоа најверојатно ќе значи проширување на овластувањата на Корпусот на гардата на Исламската револуција, построга внатрешна контрола и широка репресија со цел да се задуши секое несогласување.

„Светот ќе жали за ерата на неговиот татко“, рекол за Ројтерс регионален функционер близок до Техеран. „Моџтаба нема да има избор освен да покаже цврста рака… дури и ако војната заврши, внатрешната репресија ќе биде многу силна.“

Таквиот став доаѓа по месеците на сè поголеми внатрешни немири – најкрвавите од Исламската револуција во 1979 година – кои веќе ја ослабнаа Исламската Република пред почетокот на војната.

Иран веќе се соочуваше со тешко погодена економија, висока инфлација, пад на вредноста на валутата и растечка сиромаштија, заедно со сè посилна репресија што го поттикнуваше јавниот гнев и протестите – притисоци што сега би можеле дополнително да се засилат во услови на војна.

Тешки денови пред Иран

Тешки денови го очекуваат Иран под Моџтаба, со многу построга внатрешна контрола, поголеми притисоци во земјата и уште поагресивна и понепријателска надворешнополитичка позиција, рекол друг ирански извор запознаен со ситуацијата на теренот.

Пол Сејлем, виш соработник во Институтот за Блискиот Исток, вели дека Моџтаба не е фигура што би можела да постигне договор со САД или да оствари дипломатски пресврт.

„Никој што сега ќе се појави нема да може да прави компромиси“, рече Сејлем. „Ова е тврдокорен избор, донесен во тврдокорен момент.“

Во очите на иранските свештеници, од кои многумина САД ги нарекуваат „Големиот Сатана“, убиството на Хамнеи – највисокиот верски авторитет на Исламската Република – го издигнало на ниво на „маченик“.

Свештенството го прикажува убиениот водач како херој, споредувајќи го со имамот Хусеин, шиитски симбол на жртва и отпор против неправдата.

„Моџтаба е дури и полош и потврдокорен од својот татко“, изјави Алан Ајр, поранешен американски дипломат и експерт за Иран, додавајќи дека тој бил префериран кандидат на Револуционерната гарда. „Тој сака да спроведе голема одмазда.“

Таквата пресметка носи и ризици. Израел предупреди дека и секој наследник на Хамнеи ќе биде цел, додека Трамп изјави дека војната би можела да заврши дури кога ќе бидат елиминирани иранското воено раководство и владејачката елита.

Новиот водач долго им се спротивставува на реформаторите

Моќниот свештеник од среден ранг, 56-годишниот Моџтаба, долго им се спротивставува на реформаторските групи што се залагаат за приближување кон Западот.

Неговите блиски врски со високото свештенство и со Корпусот на гардата на Исламската револуција – кој доминира во иранските безбедносни структури и во голем дел од економијата – му даваат значително влијание во политичките и безбедносните институции на државата.

Влијанието го стекнал за време на мандатот на својот татко како клучна фигура во безбедносниот апарат и во огромното деловно царство што го контролира, делувајќи со години како главен посредник на Хамнеи и контролор на пристапот до него, а во практиката и како своевиден „мини-врховен водач“, наведуваат аналитичарите.

Неговото издигнување доаѓа во момент кога американско-израелската кампања против Иран се засилува, со заеднички напади врз складишта за гориво и други цели во Иран, додека иранските ракети и дронови погодуваат држави од Персискиот Залив, ширејќи го конфликтот.

Моџтаба студирал кај конзервативни свештеници во богословските училишта во Кум, центарот на шиитското теолошко образование, и има свештенички ранг хоџатолеслам.

Американското Министерство за финансии му воведе санкции на Моџтаба во 2019 година, наведувајќи дека го претставувал врховниот водач во официјално својство иако никогаш не извршувал избрана или формална државна функција.

Извор од една земја од Заливот, запознаен со размислувањата на регионалните влади, за именувањето на Моџтаба изјави:

„Ова е порака до Трамп и до Вашингтон дека Иран нема да отстапи – ќе се бори до крај.“

Сејлем од Институтот за Блискиот Исток го спореди правецот по кој се движи Иран со Ирак под Садам Хусеин по 1991 година или со Сирија под Башар ал-Асад по 2012 година – држави што преживеаја години војна и изолација, но постепено ја губеа контролата.

„Тие уште поцврсто се држат до тврдокорната политика. Во земјата тоа е страшно – и длабоко дестабилизирачко“, рече Сејлем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ