понеделник, 23 март 2026

Избори во Словенија: Голоб победи, но и загуби

На парламентарните избори во Словенија нема јасен победник. Премиерот Роберт Голоб со своето Движење Слобода освои најмногу гласови, но тоа нема да биде доволно за мнозинство со неговите коалициски партнери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стануваше збор за многу тесна изборна трка. На крајот, владејачката партија Движење Слобода повторно стана најсилна со околу 28,58 отсто од гласовите (29 пратенички места), но тоа е значително помалку отколку на претходните избори, кога освои 41 мандат.

Сегашната влада, составена од Движење Слобода, социјалдемократите и Левица, повеќе нема мнозинство во парламентот. И покрај тоа, Голоб им се заблагодари на гласачите и изрази оптимизам.

„Ви благодарам на сите што ѝ дадовте глас на слободата и што ни овозможивте од овие избори да излеземе како релативни победници“, рече тој. „Во наредните денови ќе се сретнеме со сите избрани партии со цел да формираме заедничка влада.“

Без мнозинство во новиот состав на парламентот

Како ќе изгледа новата влада засега е нејасно. Имено, како што владиниот блок нема мнозинство, така нема ниту другиот блок — десно-конзервативниот сојуз предводен од Јанез Јанша и неговата партија СДС, која освои околу 28,10 отсто од гласовите (28 мандати), заедно со Нова Словенија, Словенечката народна партија, Фокус и Демократите на Анже Логар.

Клучна за формирање влада може да стане проруски ориентираната антисистемска партија Ресни.ца, која се смета за политички непредвидлива. Како во вакви услови би се составила коалиција, останува целосно непознато.

Голема коалиција меѓу Голоб и Јанша изгледа малку веројатна, бидејќи тие претставуваат јасно спротивставени лев и десен политички блок, а поларизацијата во земјата е силна.

Јанша, кој важи за симпатизер на Доналд Трамп, веќе трипати беше премиер на Словенија. За време на последниот мандат од 2020 до 2022 година, беше близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Јанша бара пребројување

По изборната вечер, Јанша изјави дека се сомнева во резултатите и побара пребројување на гласовите, тврдејќи дека имало неправилности.

„Во парламентот ќе имаме таков однос на силите меѓу партиите, односно таква влада која, според сè, нема да биде особено стабилна“, рече тој. „Ќе побараме проверка на изборите, како и минатиот пат, кога две недели подоцна се покажа дека биле избрани други луѓе, а не тие што се славеа како победници.“

Скандал во кампањата

Во анкетите во изминатите недели Јанша долго време водеше. Но потоа изби скандал во кампањата.

Станува збор за тајно снимени видеа што наводно требало да го прикажат таборот на Голоб како корумпиран, со наводи за услуги и погодности. На снимките се гледа и поранешна министерка за правда од владата на Голоб, која наводно била доведена во заблуда од „британски инвеститори“.

Но приказната се сврте против СДС и му наштети на угледот на Јанша. Голоб и министерката за надворешни работи Тања Фајон го обвинија за велепредавство и напад врз националниот суверенитет на Словенија.

Снимките ги објави страница поврзана со израелската компанија Блек кјуб. Јанша првично негираше вмешаност, но подоцна призна дека имал контакти со Израелци, по што во завршницата на кампањата се најде во дефанзива.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ