четврток, 5 февруари 2026

Итни преговори на Америка и Иран, Трамп се заканува: Бидете многу, многу загрижени

Американскиот претседател Доналд Трамп му порача на врховниот лидер на Иран дека треба да биде „многу загрижен“ пред првите официјални разговори меѓу двете земји откако Соединетите Американски Држави лани ја бомбардираа нуклеарната програма на Техеран. Тензиите во последните недели нагло ескалираа откако иранските безбедносни сили насилно ги потиснаа антивладините протести низ целата земја, што го натера Трамп да испрати американска воена „армада“ во регионот и да се закани со напад, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иранската војска, пак, предупреди дека ќе одговори на секој напад веднаш и решително, што вклучува напади врз американските сили и бази во регионот. „Би му кажал дека треба да биде многу загрижен. Да, навистина треба“, изјави Трамп за Ен-би-си њуз, мислејќи на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

Трамп, кој првпат се закани со напад минатиот месец за време на задушувањето на уличните протести, кажа дека со своите постапки ги поддржал демонстрантите, иако се воздржа од директна воена акција. Неодамна голема група американски воени бродови предводени од носачот на авиони УСС Абрахам Линколн пристигна на Блискиот Исток.

Клучните преговори се закажани за утре во Мускат, главниот град на Оман, а на нив ќе присуствуваат иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и специјалниот претставник на Трамп Стив Виткоф, објави иранската државна новинска агенција Тасним.

Сепак, двете страни се чини дека имаат различни агенди.

Државниот секретар на САД Марко Рубио потврди дека администрацијата на Трамп сака преговорите да се фокусираат не само на нуклеарната програма на Иран, туку и на „дострелот на нивните балистички ракети“, „спонзорирањето на терористички организации низ регионот“ и „третманот кон сопствениот народ“.

Од друга страна Тасним, повикувајќи се на иранското Министерство за надворешни работи, објави дека разговорите ќе бидат ограничени на нуклеарната програма и укинувањето на санкциите, што е „примарно барање“ на Техеран.

Иран и САД одржаа неколку рунди индиректни нуклеарни разговори во април и мај 2025 година, но понатамошните разговори беа откажани по ненадејниот напад на Израел врз Иран кон средината на јуни. Неколку дена подоцна следеше американскиот напад, кој го прекина процесот на преговори.

„Ако не ја елиминиравме таа нуклеарна програма, немаше да има мир на Блискиот Исток бидејќи арапските земји никогаш не би можеле да го сторат тоа сами“, изјави Трамп за Ен-би-си њуз. „Тие многу се плашеа од Иран. Сега веќе не се плашат од него“, додаде тој.

Трамп кажа и дека бил информиран дека Иран се обидува да ја обнови својата нуклеарна програма на други локации. „Тие се обидоа да се вратат на една локација. Не успеаја ни да се приближат до неа“, кажа тој.

„Сè беше целосно уништено. Но, тие размислуваа за отворање нова локација во друг дел од земјата. Дознавме за тоа. Им кажав: ако го направите тоа, ќе претрпите тешки последици“, додаде американскиот претседател.

Како што растат тензиите, соседните земји посредуваат меѓу двете страни за да спречат војна, истакнувајќи дека секој конфликт може да се прошири и да го дестабилизира целиот Блиски Исток.

Завчера, американски носач на авиони во Арапско Море собори ирански дрон кој, според американската војска, „агресивно се приближил“ кон бродот.

Неколку часа подоцна, два воени брода на Иранската револуционерна гарда се приближиле до танкер кој пловеше под американско знаме во Ормускиот теснец и се заканиле дека ќе се качат и ќе го запленат бродот, изјави капетанот Тим ​​Хокинс, портпарол на Централната команда на САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ