Европејците одржуваат бројни контакти и се обидуваат да изградат заеднички фронт зад Украина откако беше објавено дека самитот Путин- Трамп ќе се одржи на Алјаска во петок.
Според мислењето на Трамп, треба да се зборува за можен договор што предвидува „размена на територии“ за да се оконча конфликтот што одзеде десетици и стотици илјади животи за време на повеќе од тригодишната војна.
Како што стојат работите сега, присуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски не е предвидено, иако тоа останува „можност“, според американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.
„Претседателот Трамп има право да каже дека Русија треба да ја заврши својата војна во Украина. Соединетите Американски Држави имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара“, изјави шефот на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас.
Сепак, таа додаде дека секој договор меѓу САД и Русија треба да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи тоа е безбедносно прашање за Украина и за цела Европа.
Таа за денес најави вонреден видео состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ, во присуство на нивниот украински колега Андреј Сибига, за да се разговара за „следните фази“.
Средбата следеше по серија контакти и телефонски разговори овој викенд, вклучувајќи го и состанокот во саботата во Велика Британија меѓу европските и американските советници за национална безбедност на кој присуствуваше и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.
Во последните три дена, украинскиот претседател разговараше со 13 европски лидери, како и со претседателите на Казахстан и Азербејџан.
Дополнително, Зеленски истакна дека Киев е постојано во контакт со САД.
„Не поминува ниту еден ден без наша комуникација за начинот на постигнување вистински мир. Јасно ни е дека Русија има намера да ја измами Америка“, рече Зеленски во својата вечерна порака.
Путин, од друга страна, разговараше со девет шефови на држави или влади за три дена, вклучувајќи ги кинескиот, индискиот и бразилскиот лидер Си Џинпинг, Нарендра Моди и Инасио Лула да Силва.
Доналд Трамп, кој вети дека ќе го реши украинскиот конфликт во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, започна спектакуларно зближување со рускиот претседател. Но, тој покажа растечка фрустрација бидејќи Русија ги засили нападите врз Украина во последните месеци.
Најавата за самитот беше дадена во петок, денот кога истече ултиматумот на Трамп до Кремљ за прекин на најлошиот конфликт во Европа по Втората светска војна.
Борбите и бомбардирањата продолжија оттогаш, при што шест лица загинаа во руските напади врз Украина во неделата, а една бомба ја погоди централната станица во Запорожје, источна Украина, при што беа ранети 20 лица.
На руска страна, едно лице беше убиено во напад на украински беспилотни летала врз индустриски објекти во Арзамас во регионот Нижни Новгород, на повеќе од 700 километри од украинската граница, објавија регионалните власти.
Во ноќта од сабота кон недела, лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Британија и Финска и претседателот на Европската комисија го повикаа американскиот претседател да го зголеми притисокот врз Русија.
Тие оценија дека сите преговори треба да се одвиваат во контекст на прекин на огнот и намалување на непријателствата и предупредија дека дипломатското решение треба да вклучува „цврсти и веродостојни безбедносни гаранции“ за Украина.
Москва бара Украина да предаде четири делумно окупирани региони (Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон) покрај Крим, кој беше анектиран во 2014 година, како и да се откаже од испораките на западно оружје и од каква било намера за членство во НАТО. Киев ги смета овие барања за неприфатливи.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за телевизијата Еј-би-си даде уверувања дека Трамп врши притисок врз Путин и дека следниот петок ќе биде важен бидејќи станува збор за тестирање на Путин и утврдување на неговата посветеност за завршување на „таа ужасна војна“.






