Портпаролот на Комисијата Олоф Гил денес изјави дека ЕУ се обидува да избегне ескалација, да избегне воведување тарифи, кои не се добри за никого и кои на крајот влијаат само на потрошувачите, особено на американските.
„Дијалогот е подобар од ескалацијата. Понекогаш, одговорното и зрело раководство повикува на воздржаност“, кажа Гил, истакнувајќи дека ЕУ има алатки на располагање за да одговори и е подготвена да ги користи доколку американскиот претседател го одржи своето ветување да воведе дополнителни тарифи за осум европски земји, од кои шест се членки на ЕУ. Ова се земјите кои испратија свои војници во Гренланд на воена вежба.
ЕУ подготви пакет царински контрамерки против американските тарифи, кои би можеле да влијаат на вкупно 93 милијарди евра вредна американска стока.
Тој пакет беше суспендиран откако беше постигнат трговски договор меѓу ЕУ и САД во јули. Портпаролот Гил изјави дека суспензијата истекува на 6 февруари, што значи дека ЕУ ќе воведе царини за цела низа американски производи во вредност од 93 милијарди евра веќе следниот ден, 7 февруари, освен ако Комисијата, во консултација со земјите-членки, не одлучи да ја продолжи суспензијата.






