Италија, како и некои други сојузници во НАТО што не сакаат да се приклучат на нападите на американскиот претседател Доналд Трамп, минатата недела им одби на американските воени авиони дозвола за слетување во базата Сигонела на Сицилија на нивниот пат кон Блискиот Исток.
„Оваа војна ги загрозува и Соединетите Американски Држави во нивната улога на глобален лидер“, изјави Крозето за италијанскиот дневен весник Кориере дела Сера во интервју објавено денеска. Крозето, близок соработник на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која има добри односи со Трамп, изрази загриженост дека конфликтот може да тргне во уште полош правец, потсетувајќи на американските нуклеарни бомбардирања на Јапонија во 1945 година.
„Само помислете: човечки суштества, исто како нас, одлучиле дека дури и Хирошима и Нагасаки се прифатливи начини за завршување на конфликтот. За жал, нуклеарното оружје сè уште постои, а оние што го немаат, се обидуваат да го набават. Ништо не сме научиле“, рече тој. „Ризикот е лудило, а сведочиме на конфликт во кој секоја акција предизвикува уште посилна реакција“.
Крозето, кој подоцна во текот на денот треба да се обрати во парламентот за војната во Иран, смета дека Трамп треба да има похрабри советници. „Еден од проблемите на оваа администрација е тоа што никој не се осмелува да му се спротивстави на шефот“, рече тој.
Со оглед на гневот на Трамп поради европскиот став за војната, Крозето појасни дека Италија не им дала дозвола на Соединетите Американски Држави за користење на нејзините бази во околности поинакви од оние што се појавија минатата недела.
Премиерката Мелони, која досега се воздржуваше од заземање поостар став за војната, за време на викендот ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Со тоа изрази поддршка за заливските држави соочени со ирански напади, но и настојуваше да ги заштити италијанските резерви на енергенси во време кога светот се соочува со растечки цени на горивата.






