Во обемниот документ од 125 страници објавен вчера попладне насловен како „Спротивставување на хибридното војување: Активна стратегија“, Кросето остро ја осуди „инерцијата“ на европските и НАТО сојузниците во услови на сè подрска руска агресија.
„Хибридното војување е постојано и ја напаѓа критичната инфраструктура, центрите за одлучување, основните услуги и ткивото на секоја земја, со дневни и растечки ризици од катастрофална штета“, се наведува во документот. „Ние сме нападнати, а хибридните бомби продолжуваат да паѓаат: Времето за дејствување е сега“.
Кросето го нарече „апсурдно“ и „неодржливо“ тоа што Западот прави толку малку за да одговори на руските напади. Тој повлече паралела: ако бевме нападнати од копнена армија, „нема само да се барикадираме дома и да се надеваме дека ќе си одат“.
Тој истакна дека Западот е вклучен во „асиметричен конфликт“ и има алатки за одговор, но неговите акции „постојано заостануваат“ зад Русите поради тоа што се попречени од сопствените демократски процеси и бавното донесување одлуки во ЕУ и НАТО кое е базирано на консензус.
Во документот се наведени други земји како закани, вклучувајќи ги Кина, Иран и Северна Кореја.
Министерот предупредува дека фреквенцијата на хибридни напади се зголемува бидејќи Кремљ на Владимир Путин користи „интегрирана употреба на воени и невоени алатки за дестабилизација на своите конкуренти, нарушување на нивната внатрешна кохезија и влијание врз нивната политичка волја“.
Како примери се наведуваат голем број инциденти: тврдења дека озлогласена руска воена разузнавачка група хакери ги таргетирала компаниите кои ѝ помагаат на Украина, палење на магацини за опрема во Полска, користење на мигранти од страна на Белорусија за дестабилизација на Полска, мистериозни беспилотни летала околу европските аеродроми и тврдења за руско поткопување на претседателските избори во Романија.
Полска ја нарече неодамнешната експлозија на железничката пруга „саботажа“, обвинувајќи двајца Украинци за неа. Податоците од прашката аналитичка група Глобсек покажуваат дека од јануари до јули оваа година во Европа, првенствено во Полска и Франција, се регистрирани повеќе од 110 саботажи и обиди за напади од страна на лица поврзани со Русија.
Кросето предупреди дека Западот ризикува да ѝ дозволи на Русија да победи со „исцрпување“. Тој истакна дека Москва ги таргетира и земјите кои ја поддржуваат Украина преку дезинформации и манипулација со јавното мислење. „Овие алатки… индиректно влијаат на верувањата, отпорноста, суверенитетот при донесување одлуки и политичката стабилност на државите“, кажа тој.
За да може Западот да се спротивстави на овие закани, Кросето презентираше конкретни предлози. Тој се залага за формирање на Европски центар за сузбивање на хибридно војување и формирање на кибернетска сила со 1.500 членови. Покрај тоа, тој предлага вработување воен персонал специјализиран за вештачка интелигенција, заштита на ланците на снабдување и експерти во борбата против дезинформациите.






