Тајани кажа дека Рим прифатил да биде домаќин на преговорите, откако и двете страни испратиле такво барање, пренесува АНСА.
„Ние сме спремни да бидеме домаќини, како и секогаш, на средбите кои можат да бидат носители на позитивни резултати, во овој случај за нуклеарното прашање“, наведе Тајани.
Според него, Италија се залага за мир и ќе продолжи да ги поддржува сите преговори кои можат да доведат до решавање на нуклеарното прашање.
Тајани истакна дека Рим е престолнина на мирот и посредувањето и дека не е првпат состаноци од овој тип да се одржуваат во Италија.
Портпаролот на министерството за надворешни работи на Иран Есмаил Багај најави дека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ќе ја посети Русија на крајот на оваа недела за да одржи консултации со руската страна, по завршувањето на првата рунда на индиректните преговори со САД.
Арагчи во саботата, по разговорот со американската делегација во Оман, кажа дека втората рунда преговори со САД ќе се одржи на 19 април.
Во индиректните преговори учествуваа Арагчи и специјалниот претставник на американскиот претседател за Блискиот Исток Стив Виткоф. Двете страни оценија дека преговорите биле конструктивни.