Законот предвидува затворски казни од една до пет години за нелегално дистрибуирање содржина генерирана или манипулирана од вештачка интелигенција, доколку таа предизвика штета, како што се „дипфејк“ фотографија и видео.
Исто така, ќе се воведат построги казни за користење на технологијата за извршување кривични дела, вклучувајќи измама и кражба на идентитет, како и построги правила за транспарентност и човечки надзор што го регулираат начинот на кој технологијата се користи на работното место или во секторите како што се здравството, образованието, правдата и спортот.
На децата под 14 години ќе им биде потребна родителска согласност за пристап до вештачка интелигенција.
Кога станува збор за авторските права, законот предвидува дека делата создадени со помош на вештачката интелигенција се заштитени ако потекнуваат од вистински интелектуален напор.
Италијанската влада во соопштението изјави дека законот, усогласен со Регулативата на ЕУ за вештачка интелигенција, ќе има значително влијание врз начинот на кој вештачката интелигенција се користи низ цела Италија, објавува Гардијан.
Неговата цел е транспарентна и безбедна употреба на вештачката интелигенција со човечки фокус, а воедно ќе се промовираат иновации, сајбер безбедност и заштита на приватноста.
Потсекретарот за дигитална трансформација Алесио Бути рече дека законот „ја враќа иновацијата во јавниот интерес, насочувајќи ја вештачката интелигенција кон раст, права и целосна заштита на граѓаните“.
Владата ги назначи Агенцијата за дигитална Италија и Националната агенција за сајбер безбедност да го спроведат законот, кој доби конечно одобрение во парламентот по една година дебата.
Законот одобрува до една милијарда евра од државниот фонд за поддршка на компании активни во областите на вештачката интелигенција, сајбер безбедноста и телекомуникациите, иако критичарите велат дека износот е мал во споредба со средствата инвестирани од САД и Кина.






