понеделник, 8 декември 2025

Италија отвори истрага против воените туристи кои пукале во цивили во Сараево

Обвинителството во Милано отвори истрага против италијански државјани кои наводно им плаќале огромни суми пари на српските паравоени сили за да можат да пукаат во цивили од забава за време на опсадата на Сараево, од 1993 до 1995 година. Овие таканаречени „викенд снајперисти“ учествувале во бруталниот „лов на луѓе“ во градот во која беа убиени 11.000 граѓани, објавија денес италијанските дневни весници Ил џорно и Ла република, а пренесува агенцијата Анса.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според италијанските медиуми станувало збор главно за фанатици од екстремната десница и љубители на оружје кои им плаќале на српските војници да учествуваат во опсадата и да пукаат во жителите на главниот град на Босна и Херцеговина. За да се идентификуваат овие „воени туристи“ во Милано е отворена истрага со цел утврдување на нивниот идентитет.

Случајот го отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за намерно убиство со особено сурови и подмолни мотиви. Истрагата во моментов се води против непознати лица, а таа е отворена врз основа на извештај поднесен од новинарот и писател Ецио Гавацени, со помош на двајца адвокати и поранешниот судија Гвидо Салвини.

Според сведоштва собрани низ северна Италија, „викенд снајперистите“ се собирале во Трст, од каде биле водени во ридовите околу Сараево. Таму, откако ќе им плателе на паравоените сили на босанските Срби, можеле да пукаат врз населението на опколениот град. Досието содржи и извештај за „богати странци кои се бавеле со нехумани активности“, кои до обвинителството го испратила поранешната градоначалничка на Сараево Бенџамина Кариќ.

Гавацени во извештајот наведува дека засега има само „траги“, но и дека постоел „ценовник“ за убиства: „децата чинат повеќе, потоа мажите (по можност во униформа и вооружени), жените и старите лица можеле да бидат убиени бесплатно“. Се споменува и документарниот филм „Сараево Сафари“ од 2022 година, во режија на Миран Жупаниќ, во кој се појавува и анонимен сведок.

Писателот објаснува дека од режисерот добил пристап до филмот на сајтот на Ал Џезира и дека може да ја предаде лозинката на судот доколку биде побарано. Во наредните недели обвинителот Гобис треба да спроведе детална истрага и да ги испраша лицата наведени од авторот во пријавата.

Иако истрагата се фокусира на Италијанци, некои извори споменуваат и Американци, Канаѓани и Руси кои биле подготвени да платат за да си „играат војна“. Поранешен бошњачки разузнавач изјавил дека клиентите биле „сигурно многу богати луѓе“ кои „финансиски можеле да си дозволат таков адреналински предизвик“.

Бошњачките разузнавачки служби верувале дека зад сè стои Српската служба за државна безбедност, користејќи ја инфраструктурата на поранешната српска чартер компанија Авиогенекс. Како клучна личност во операцијата се спомнува Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ