недела, 14 декември 2025

Италија испраќа воена фрегата како помош на хуманитарната флотила за Газа

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето денес објави дека испраќа воена фрегата за „можни операции за спасување“ на пропалестинската флотила кон Појасот Газа, која наводно синоќа повторно била цел на напад крај брегот на Грција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„За да им се обезбеди помош на италијанските граѓани на флотилата, одобрив итна интервенција на фрегатата на италијанската морнарица „Фасан“, која пловеше северно од Крит и се движи кон таа област“, ​​изјави Крозето во соопштение.

Околу шеесет Италијанци, вклучувајќи четворица парламентарци, се дел од флотилата која вклучува педесет чамци со активисти од 45 земји, вклучувајќи ја и шведската активистка Грета Тунберг.

Учесниците во флотилата, кои веќе тврдеа дека биле цел на напади со беспилотни летала на 9 септември крај брегот на Тунис, кажаа дека вечерва повторно биле мета крај брегот на Грција.

Крозето остро го осуди „нападот со беспилотни летала од засега непознато потекло“.

Италијанската дипломатија го повика Израел да осигури безбедност на флотилата, истакнувајќи дека таа се наоѓа во меѓународни води.

Флотила од едрилици и чамци со храна, вода и лекови исплови од Барселона на почетокот на месецот, на патување од 4.000 километри преку Средоземно Море до Појасот Газа, во најголемиот обид да се стави крај на контроверзната израелска блокада на палестинската територија на море.

Израел ја засили својата офанзива врз градот Газа, ограничувајќи ги испораките на  храна и основни продукти.

Експертите предупредуваат дека има глад во градот Газа и на територијата на Појасот Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ