сабота, 10 јануари 2026

Италија и Хрватска си го поделија Јадранско Море, Словенија повикува на разговори

Италија неодамна прогласи ексклузивна економска зона во Јадранско Море. Откако Хрватска го стори истото во 2021 година, повеќе нема меѓународни води во Јадранско Море. Затоа, Словенија предложи состанок на министрите за надворешни работи на Словенија, Италија и Хрватска, објасни Министерството за надворешни работи за словенечката новинска агенција СТА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Италија го почна процесот на прогласување ексклузивна економска зона во Јадранско Море во 2020 година, а откако Хрватска ја прогласи својата зона во јануари 2021 година, Загреб и Рим потпишаа договор за нејзино разграничување во 2022 година.

Словенија, која според одлуката на Арбитражниот суд од 2017 година за границата со Хрватска нема право да прогласи своја ексклузивна економска зона, тогаш нагласи на трилатералните работни состаноци со Хрватска и Италија за соработка во Јадранско Море дека прогласувањето на економските зони на Хрватска и Италија во никој случај не смее да ги загрози правата кои Словенија ги има според меѓународното и европското право.

Словенечкото Министерство за надворешни работи вчера го повтори ова во својот одговор до СТА, нагласувајќи дека правата и слободите гарантирани со арбитражната одлука мора да се почитуваат. Хрватска не ја признава арбитражната одлука.

Министерството нагласи дека Словенија, како соседна и поморска земја, е заинтересирана за сите активности и содржини кои ќе се спроведуваат во тие зони. Во 2021 година, на словенечка иницијатива, беше воспоставена трилатерална соработка во областа на северен Јадран, во рамки на која се разгледуваат прашањата за рибарство, безбедност, заштита на животната средина и поврзаност, особено соработката на северните јадрански пристаништа. Словенија веќе предложи следен состанок на ниво на министри за надворешни работи на сите три земји.

Словенија детално го проучила и предлогот за просторен план на хрватската ексклузивна економска зона и во декември минатата година, како дел од прекуграничната проценка на влијанието врз животната средина, ги достави своите ставови, дополнителни прашања и предложени измени до Министерството за економија и одржлив развој во Загреб.

Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето од 1982 година (УНЦЛОС) им овозможува на државите да прогласат ексклузивна економска зона до 200 наутички милји од брегот. Во оваа зона, државата има право да располага и управува со живите и неживите природни ресурси на морето, морското дно и подземјето, што вклучува ексклузивно право на риболов, експлоатација на нафта и други економски активности.

Во средата хрватското Министерство за надворешни и европски работи, заедно со објавата за спроведување на италијанската ексклузивна економска зона, прикачи и карта на која границата со Словенија во Пиранскиот Залив е нацртана во средината на заливот, иако Арбитражниот суд ѝ го додели поголемиот дел од Пиранскиот Залив на Словенија.

Арбитражниот суд, исто така, утврди област со ширина од 2,5 наутички милји како контакт на Словенија со отвореното море, таканаречената врска, која законски останува хрватско територијално море, но во која Хрватска не смее да го попречува пловидбата на бродовите помеѓу меѓународните и словенечките води или да презема дејства кои би го спречиле поврзувањето на словенечките води со отвореното море.

Министерството за животна средина, клима и енергетика на Словенија објасни за СТА дека редовно испраќа протестни ноти до Хрватска поради мапите кои не ја земаат предвид арбитражната одлука. Последната таква нота беше испратена на 8 декември минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ