петок, 30 јануари 2026

Италија го истражува „Сараево сафари“, градот Сараево ќе се придружи на тужбата

Градскиот совет на Сараево на 28 јануари даде согласност градот да се приклучи на кривичната постапка која се води во Милано против лица осомничени за снајперски напади врз цивили за време на војната. Одлуката беше донесена откако италијанското обвинителство отвори истрага за таканаречените викенд снајперисти кои наводно плаќале за да пукаат по опколениот град, пишува Радио слободна Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Италијанските медиуми објавија на почетокот на ноември минатата година дека обвинителството во Милано отворило истрага врз основа на извештајот на писателот и новинар Ецио Гавацени. Според неговата пријава, странци плаќале големи суми пари за да убиваат граѓани со снајпери, главно „за забава“, од позициите на војската на Република Српска околу Сараево.

Гавацени индиректно изјавил дека не сака да се појавува во јавноста. Во меѓувреме, тој одржа прес-конференција во Милано на која објави дека во февруари ќе објави книга за „снајпер сафарито“.

Првите наводи за пристигнувањето на странци на бојното поле ги видел, како што наведе, во 1995 година во статија во весникот Кориере дела Сера, по што почнал да пишува трилер на таа тема. Но, набрзо се откажал бидејќи сфатил дека знае премалку. Повторно се навратил на идејата дури во 2022 година, инспириран од документарниот филм „Сараево Сафари“ на словенечкиот режисер Миран Жупанич.

Се очекува обвинителството во Милано да ја информира јавноста за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку поднесат обвинение и ја докажат вината на осомничените, тоа ќе биде прв случај во Европа некој да биде одговорен за убиствата на цивили со снајпери во Сараево.

Додека се чека исходот од истрагата во Италија, судството на Босна и Херцеговина исто така ги проверува наводите, но досега ниту еден снајперист не е гонет за убиствата на цивилите во Сараево.

За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио слободна Европа контактирале некои од нив, но никој не можел да потврди дека лично видел странец кој платил за да пука низ градот.

За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здружението на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот било убиено од снајперски истрел. Повеќе од 14.000 деца биле ранети.

И покрај ова, ниту еден снајперист лично не одговарал, ниту пред домашните ниту пред меѓународните судови. Во пресудите против највисоките функционери на Република Српска, Хашкиот суд заклучи дека снајперската кампања имала една цел – „да ги тероризира цивилите во Сараево“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ