„Собраните докази ја наведуваат комисијата на заклучок дека руските власти извршиле злосторства против човештвото, поради депортација и присилно преместување, како и присилно исчезнување на деца“, изјави Независната меѓународна истражна комисија за Украина во соопштение при објавувањето на извештајот во Женева.
Комисијата е формирана од Советот за човекови права на ОН во 2022 година, набрзо по почетокот на конфликтот во Украина, за да истражи разни наводни прекршувања извршени во контекст на конфликтот, потсетува парискиот весник Монд.
Истражителите во својот извештај откриле дека руските власти „нелегално депортирале и преместувале деца“ од самиот почеток на офанзивата и дека „неоправдано ја одложувале нивната репатријација“.
Комисијата нагласува дека мерките преземени против депортираните деца „го прекршиле меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права“ и дека не биле водени од најдобрите интереси на децата.
Иако досега е потврдено протерување или преместување на 1.205 деца, комисијата посочува дека руските власти „депортирале или преместиле илјадници деца од областите кои ги окупирале во Украина“.
Според Киев, околу 20.000 украински деца се присилно отстранети од почетокот на инвазијата. Русија тврди дека преместила некои деца од нивните домови или сиропиталишта за да ги заштити од заканата од борбите.
Комисијата нагласува дека меѓународното хуманитарно право бара евакуациите да бидат „привремени и оправдани од убедливи здравствени или безбедносни причини“. Истражителите изјавија дека 80 отсто од децата протерани или преместени во случаите кои ги истражува комисијата не се вратиле дома.
Доказите покажуваат дека руските власти следеле политика дизајнирана и спроведена „на највисоките нивоа на државниот апарат“ за да се спречи враќањето на децата, соопшти комисијата, потврдувајќи „директна вмешаност“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Истражителите откриле дека „посвојувањата и долгорочните сместувања биле приоритетни“, додека семејствата на децата не биле информирани за нивната судбина, а организирано враќање било „спречено“.
Таквата ситуација довела до тоа децата да бидат одгледувани во туѓа средина, далеку од нивните семејства, понекогаш илјадници километри од Украина.
Минатиот декември Генералното собрание на ОН повика на итно и безусловно враќање на децата „присилно префрлени“ во Русија во необврзувачка резолуција.
Во 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин за „нелегална депортација“ на деца.
Истражната комисија, која Москва не ја признава, ќе го презентира својот извештај во четврток на 61-та редовна седница на Советот за човекови права на ОН во Женева.






