Поранешната висока претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика Федерика Могерини и високиот функционер на Европската комисија Стефано Санино беа пуштени доцна синоќа откако беа означени како осомничени во истрагата за измама што го потресува Брисел, соопшти европското обвинителство, пишува денес порталот „Еурактив“.
Двајцата вчера беа приведени по низа рации што белгиската полиција ги спроведе во седиштето на дипломатската служба на ЕУ во Брисел, во Колеџот на Европа во Бриж, како и во приватни резиденции, што прв го објави „Еурактив“.
Обвинителството се сомнева дека двајцата во 2021 и 2022 година дејствувале во договор со цел да го насочат јавниот тендер за новата дипломатска академија на ЕУ кон Колеџот на Европа, каде што Могерини е ректорка и го води проектот.
Академијата ја финансира дипломатската служба на ЕУ, ЕЕАС, на чие чело беше Могерини меѓу 2014 и 2019 година, а во која Санино имаше висока функција во моментот кога беше донесена одлуката каде ќе биде сместена академијата. Уапсен е и уште еден висок службеник на Колеџот на Европа.
„По испрашувањето пред Сојузната правосудна полиција на Белгија… три лица се официјално информирани за обвиненијата што им се ставаат на товар“, стои во соопштението на Европското јавно обвинителство (ЕППО). Обвиненијата вклучуваат „измама во јавни набавки и корупција, судир на интереси и повреда на професионална тајна“.
Според белгиските закони, означувањето некого како осомничен значи дека истрагата е во тек и дека тие лица можат повторно да бидат испрашувани, но тоа не подразбира вина. ЕППО соопшти дека осомничените се пуштени бидејќи „не се смета дека постои опасност од бегство“. Тие и понатаму се сметаат за невини додека трае истрагата.






