Досега, грчките власти истражиле 6.354 случаи на барања за доделување на оваа помош, од кои 1.036 биле утврдени како нелегални, а вкупниот износ што е неправедно доделен „изнесува 22.667.522 евра“, кажа министерот за заштита на граѓаните (внатрешни работи) Михалис Хрисохоидис, презентирајќи ги заклучоците од првичната истрага на грчките власти.
„Не е можно и не смее да се толерира некои луѓе да ги посакуваат скапоцените јавни ресурси“, предупреди министерот на прес-конференцијата.
„Овие средства се наменети за поддршка на грчката земјоделска економија, а не за нелегално и неправедно богатење на неколкумина“, истакна тој.
Првите наоди се доставени до грчките судови и ќе има „конфискација на имотот на оние кои неоправдано ги добиле овие субвенции“, објави Хрисохоидис.
Оние кои нелегално примиле европска помош се осомничени првенствено за „лажни изјави за сопственост на земјоделски парцели“ или „лажни изјави за сопственост на добиток“, прецизираше министерот.
Грчката истрага доаѓа повеќе од три месеци откако грчката дивизија на Европското јавно обвинителство извршила рација во канцелариите на грчката агенција за субвенции ОПЕКЕПЕ во Атина и запленила документи и електронска опрема. Европските истражители потоа посочиле дека „значаен број“ луѓе примиле исплати врз основа на лажни изјави.
Лажните исплати најчесто се случиле на јужниот остров Крит, а некои медиуми и експерти посочиле на лични врски и корупција како причина.
Еден весник откри, врз основа на телефонски снимки, дека потпретседателот на ОПЕКЕПЕ ги известил земјоделците однапред за инспекциите, на пример, за да им овозможи да соберат исчезнат добиток кој бил официјално пријавен за помош.
Истрагата го опфаќа периодот помеѓу 2019 и 2024 година, што е и првиот и актуелниот мандат на десничарскиот премиер Киријакос Мицотакис.
Аферата се претвори во скандал во Грција, што доведе до оставка на министерот, директорот на ОПЕКЕПЕ и уште двајца високи грчки функционери, како и до укинување на таа организација. Според министерот за земјоделство Костас Киарас, таа организација годишно дистрибуирала повеќе од три милијарди евра на земјоделците, од кои поголемиот дел отишле кај 680.000 луѓе.
Во јуни, Европската комисија веќе изрече високи казни за Грција за лошо управување со европските земјоделски субвенции помеѓу 2016 и 2023 година.






