петок, 19 декември 2025

Истрага на Би-би-си: Во војната загинале 128.115 Руси

Потврдено е дека повеќе од 128.000 руски војници загинале од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година, според заедничка истрага на руската редакција на Би-би-си, порталот Медиазона и мрежа волонтери,.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот на септември истражувачкиот тим успеал да идентификува 128.115 загинати руски војници по име. Само во текот на јуни, јули и август оваа година, новинарите нашле 23.305 нови некролози, а регистрирани се и денови со дури 420 нови известувања за смрт, што е приближно три пати повеќе од дневниот просек во 2024 година.

Би-би-си напоменува дека објавените некролози не го одразуваат вкупниот број на жртви во реално време, бидејќи извештаите за жртви често се одложуваат и бараат дополнителна верификација. Истрагата открила дека 14 отсто од идентификуваните загинати биле регрутирани од казнени колонии, додека 29 отсто биле волонтери кои потпишале договори по почетокот на војната. Се вели дека процентот на волонтери „брзо расте“ и сега го формира ‘рбетот на офанзивните сили на Русија.

Околу 11 отсто од загинатите биле мобилизирани војници, иако се претпоставува дека вистинската бројка е поголема бидејќи во многу некролози не се наведува воениот статус на починатите.

Москва и Киев ретко објавуваат официјални податоци за жртвите. Според украинските проценки, вкупните руски загуби, вклучувајќи ги загинатите и ранетите, надминале еден милион. Претседателот Володимир Зеленски на 12 август изјави дека руските загуби се приближно три пати поголеми од украинските загуби, но не ги откри точните бројки за украинската страна.

Според податоците на Генералштабот на Украина од 5 септември, Русија изгубила 1.086.220 војници од февруари 2022 година, што е во согласност со проценките на западните разузнавачки служби. Во меѓувреме, Медиазона и Медуза во посебна анализа проценуваат дека најмалку 220.000 руски војници загинале од почетокот на инвазијата, користејќи ги податоците од регистарот на наследство како примарен извор.

Би-Би-Си и Медиазона ја објавија својата база на податоци за потврдени жртви за прв пат во февруари 2025 година, на третата годишнина од војната, при што волонтерите рачно ги проверувале сите записи за да се осигурат дека податоците се точни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ