Двете земји ќе го потпишат договорот во време кога американскиот претседател Доналд Трамп води царински војни со други земји.
Договорот меѓу петтата и шестата светска економија има за цел да ја зголеми билатералната трговска размена за дополнителни 34,4 милијарди долари до 2040 година. Треба да стапи на сила во рок од една година.
„Трговскиот договор со Индија е огромна победа за нас. Ќе создаде илјадници работни места низ Велика Британија, ќе отвори нови можности за бизнисите и ќе го поттикне растот“, рече британскиот премиер Кир Стармер.
Потпишувањето на договорот е предвидено во рамки на четвртата посета на Моди на Велика Британија откако ја презеде функцијата премиер во 2014 година. Двајцата премиери исто така ќе потпишат стратешко партнерство кое ги опфаќа одбраната, климатските промени и борбата против криминалот.
Што се однесува до трговскиот договор, царините за шкотско виски ќе се намалат од 150 проценти на 75 проценти, а потоа на 40 проценти во текот на следните десет години, соопшти британската влада. Царините за автомобили ќе се намалат од 100 проценти на само 10 проценти.
За возврат, индиските производители ќе добијат пристап до британскиот пазар за електрични и хибридни возила, соопшти индиското министерство за трговија. Се напоменува дека 99 проценти од индискиот извоз ќе има корист од нула царински стапки, вклучително и текстилот. Британските компании ќе можат да пристапат до индискиот пазар за набавки за проекти во сектори како што се чиста енергија и услужниот сектор како што е осигурувањето.
Договорот со Индија претставува најзначајниот трговски аранжман за Велика Британија откако ја напушти Европската унија во 2020 година, иако предвидениот економски раст е мал во споредба со бруто домашниот производ на земјата од 2,6 трилиони фунти во 2024 година.
Со трговскиот договор исто така е усогласено дека работниците повеќе нема да мора да плаќаат придонеси и во Велика Британија и во Индија додека се привремено вработени во другата земја.






