„Пресудата на поротата е историска победа за сите деца и семејства што ја платиле цената на одлуката на Мета да го стави профитот пред безбедноста на децата“, изјави државниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез. „Раководителите на Мета знаеле дека нивните производи им штетат на децата, ги игнорирале предупредувањата од сопствените вработени и ја лажеле јавноста за тоа што го знаат. Денес поротата, заедно со семејствата, воспитувачите и експертите за безбедност на децата, порача дека е доста.“
Канцеларијата на државниот обвинител поднесе тужба во декември 2023 година, по двегодишна истрага на Гардијан, која во април истата година откри дека Фејсбук и Инстаграм станале пазари за трговија со деца за сексуална злоупотреба. Таа истрага во тужбата се споменува повеќепати.
Поротата ѝ изрече на Мета максимална законска казна од 5.000 долари по прекршок, што вкупно изнесува 375 милиони долари, прогласувајќи ја компанијата за одговорна по двете точки од тужбата за кршење на Законот за нефер практики.
Од Мета соопштија дека ќе поднесат жалба на пресудата и го обвинија Торез за изнесување „сензационалистички и ирелевантни аргументи преку селективен избор на документи“. „Со почит, не се согласуваме со пресудата и ќе поднесеме жалба.“
Вложуваме големи напори за да ги заштитиме луѓето на нашите платформи и свесни сме за предизвиците во идентификувањето и отстранувањето на злонамерните актери или штетната содржина“, рече портпаролот на Мета. „Ќе продолжиме енергично да се браниме и остануваме уверени во резултатите што ги постигнуваме во заштитата на тинејџерите на интернет.“
Во текот на судењето беа изнесени интерни документи на Мета и сведоштва што открија дека вработените и надворешните експерти повеќепати ја предупредувале компанијата за ризиците. На поротата ѝ беа претставени и детали од тајната истрага „Операција Метафајл“ од 2024 година, која довела до апсење на тројца мажи обвинети за сексуална злоупотреба на деца преку платформите на Мета.
Судот исто така слушна како одлуката на Мета од 2023 година да воведе целосно шифрирање во Месинџер, платформа што предаторите ја користат за намамување малолетници, го оневозможила пристапот до клучни докази за тие злосторства.
Сведоци од полицијата и од Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца укажаа на недостатоци во системот на Мета за пријавување злосторства. Според нив, прекумерното потпирање на вештачката интелигенција за модерирање содржина генерирало огромни количества „бескорисни“ пријави, што ја оневозможило полицијата да води истраги.
Правната постапка влегува во следната фаза на 4 мај, кога канцеларијата на државниот обвинител ќе побара дополнителни парични казни и судски налози за промени на платформите на Мета со цел да се „обезбеди посилна заштита за децата“. Меѓу бараните промени се воведување ефикасна проверка на возраста, отстранување на предаторите и заштита на малолетниците од шифрирани комуникации што ги штитат сторителите.
Во текот на судењето беа прикажани и снимени сведоштва на шефот на Мета Марк Закерберг и раководителот на Инстаграм Адам Мосери, кои изјавија дека штетите како сексуална злоупотреба се неизбежни на толку големи платформи. Воедно наведоа дека компанијата вложила милијарди во технолошки подобрувања за безбедноста на децата.
Обидите на Мета случајот да се отфрли повикувајќи се на членот 230, федерален закон што ги штити платформите од одговорност за содржина од корисници, беа отфрлени во јуни 2024 година бидејќи тужбата се фокусираше на дизајнот на производот, а не на содржината создадена од корисниците.
Судењето траеше речиси седум недели, а поротата се советуваше околу еден ден. „Ова е голема победа за државниот обвинител на Ново Мексико. Поротата не се советуваше долго“, изјави за Гардијан Џон В. Деј, поранешен заменик окружен обвинител.
„Тоа не е изненадувачки бидејќи во јавноста постои силно незадоволство, страв и загриженост поради сеприсутноста на социјалните мрежи. Оваа пресуда сигурно отвора врата за многу други тужби, реформи и регулации.“ Против Мета се води и посебна тужба во Лос Анџелес, каде што стотици семејства и училишни окрузи обвинуваат неколку технолошки платформи за нанесување штета на деца.
Тужителите тврдат дека Мета, Снап, Тикток и Јутјуб свесно ги дизајнирале своите платформи за да создадат зависност кај младите, придонесувајќи за депресија, нарушувања во исхраната и други проблеми со менталното здравје. Снап и Тикток постигнале спогодби, додека Мета и Јутјуб и понатаму ги оспоруваат обвинувањата.






