недела, 7 декември 2025

Исплови новиот кинески суперносач Фуџијан (ВИДЕО)

Најновиот и најнапреден кинески носач на авиони Фуџијан официјално влезе во употреба, што претставува значаен чекор напред за Пекинг во неговиот обид да се изедначи со поморската моќ на Соединетите Американски Држави. Кинескиот лидер Си Џинпинг присуствуваше на церемонијата на пуштање во употреба која се одржа оваа недела во военото пристаниште во Санја на островот Хаинан, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

На церемонијата, која се одржа во средата попладне, присуствувале повеќе од 2.000 членови на морнарицата и персоналот кој работел на изградбата на носачот. По церемонијата на кревање на знамето, кинескиот лидер го разгледал бродот и симболично го притисна копчето за активирање на катапултот.

На палубата за полетување беа истакнати три позиции за лансирање, како и борбените авиони J-35, J-15T и KJ-600. Во близина беше вкотвен Шандонг, вториот кинески носач на авиони, што го зголеми впечатокот за демонстрација на воена моќ.

Технолошки пробив со електромагнетни катапулти

Фуџијан е третиот и најнапреден носач на авиони на Кина и се разликува од своите претходници, Лиаонинг и Шандонг, по напуштањето на рампата во стил на „ски скокалница“ за полетување на авионите. Наместо тоа, тој е опремен со модерни електромагнетни катапулти (ЕМАЛС) кои овозможуваат лансирање на авиони со поголем товар оружје и гориво, со што се зголемува нивниот дострел.

Оваа технологија, според кинеските државни медиуми, ја поседува само еден носач на авиони во светот – најновиот американски носач УСС Џералд Форд. Одлуката за усвојување на системот ЕМАЛС за Фуџијан ја донел лично Си Џинпинг.

Трка во вооружување на море

Предводена од Си Кина ја изгради најголемата морнарица во светот, лансирајќи високотехнолошки воени бродови со вртоглава брзина и вршејќи притисок врз САД и нивните сојузници во Пацификот. Во однос на бројот на бродови, кинеската морнарица сега е поголема од САД, но САД сè уште одржуваат значителна технолошка предност, вклучително и поголем број носачи на авиони во флотата.

Клучната разлика е во погонскиот склоп. Американските носачи на авиони користат нуклеарна енергија, што им овозможува да останат на море сè додека екипажот има залихи. Фуџијан, од друга страна, користи конвенционален погон, што значи дека мора да се закотви во пристаништето или да се наполни со гориво од танкери на отворено море.

Ограничувања и планови за иднината

И покрај напредната технологија, двајца поранешни офицери на американската морнарица минатиот месец изјавија за Си-ен-ен дека воздушните операции на Фуџијан можат да достигнат само околу 60 отсто од капацитетот на 50 години стариот американски носач, поради конфигурацијата на палубата за полетување.

Сепак, Фуџијан, со депласман од 80.000 тони, е најблиску до американските носачи од класата Нимиц, кои имаат 97.000 тони. Неговото пуштање во употреба, кое долго се очекуваше во Кина, е извор на голема национална гордост. Веста стана жешка тема на кинеските социјални медиуми во петокот.

Во меѓувреме, Кина веќе гради четврти носач на авиони, моментално познат како Тип 004. Се очекува покрај технологијата ЕМАЛС да користи и нуклеарен погон, што дополнително би го намалило технолошкиот јаз со американската флота.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ