Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп во неделата изјави дека вториот пилот на авионот кој беше соборен два дена претходно во Иран, бил спасен во смела воена операција. Иранската војска тврди дека ја спречила таа операција, но експлицитно не го негираше спасувањето на пилотот.
Портпаролот на иранската дипломатија денес изјави дека има многу нејаснотии околу операцијата.
„Областа каде што беше пријавено присуството на американскиот пилот, во провинциите Кохгилуџе и Бојер-Ахмад, е многу далеку од областа каде што Американците се обидоа да слетаат или имаа намера да распоредат своите сили во централниот дел на Иран“, изјави Багеи за новинарите.
Според него, апсолутно не треба да се исклучи можноста операцијата да била измама, всушност насочена кон кражба на збогатениот ураниум.
Во централен Иран има објект за преработка на ураниум во покраината Јазд.
Багеи ја нарече операцијата за спасување „катастрофа за Вашингтон“, бидејќи иранската војска тврди дека нејзините сили уништиле два хеликоптери „блекхок“ и два воени транспортни авиони Ц-130.
Според тврдењата на војската, авионите биле погодени, што ги приморало да извршат „итно слетување во покраината Исфахан“ во централен Иран.
Два авиона кои требало да го транспортираат пилотот и неговите спасувачи на безбедно место биле заглавени во оддалечена база во Иран и морале да бидат уништени за да се спречи да паднат во рацете на иранските сили, објавија американските медиуми.
Тие додадоа дека американските сили потоа користеле уште три транспортни авиони.
Трамп по операцијата изјави дека ниту еден Американец не е убиен во неа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес порача, без да даде детали, дека Израел придонел во операцијата за спасување.
„Многу сум горд што нашата соработка со САД, на и надвор од бојното поле, е без преседан и што Израел можеше да помогне во спасувањето на храбриот американски војник“, напиша Нетанјаху на социјалната мрежа Икс.






