„Ја имаме потребната волја да го окончаме овој конфликт, но клучните услови мора да бидат исполнети, а тоа се, пред сè, гаранции дека агресијата нема да се повтори“, кажа Пезешкијан во телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта според соопштението од неговиот кабинет, со што го повтори клучното барање на Техеран.
По разговорот, Кошта објави на социјалните мрежи дека „моменталната ситуација на Блискиот Исток е исклучително опасна“ и го повика Иран да ги смири тензите.
„За да се смират тензиите, го повикав Иран да ги запре неприфатливите напади врз земјите во регионот и конструктивно да се вклучи во дипломатијата, особено со Обединетите нации, со цел да се обезбеди слобода на пловидбата во Ормускиот теснец“, напиша тој на платформата Икс.
Изјавите на иранскиот претседател доаѓаат на истиот ден кога американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека следните денови од војната во Иран ќе бидат „одлучувачки“. „Следните денови ќе бидат одлучувачки. Иран е свесен за ова и воено не може да стори речиси ништо во врска со тоа“, кажа Хегсет.
Шефот на Пентагон потврди дека преговорите за завршување на војната напредуваат, иако американско-израелската воена кампања против Исламската Република трае повеќе од еден месец. „Преговорите се реални, тие се активни и, верувам, добиваат на интензитет“, кажа Хегсет.
Сепак, кога беше прашан за загриженоста на некои гласачи на претседателот Доналд Трамп за можната употреба на копнени сили, Хегсет одби да даде конкретен одговор. „Не можете да се борите и да победите во војна ако му откриете на непријателот што сте подготвени да направите, а што не, вклучително и испраќање копнени сили“, смета тој.
Коментарите на Хегсет за статусот на мировните преговори се слични на соопштението од Белата куќа во понеделник, во кое се вели дека разговорите со Иран напредуваат и дека она што Техеран јавно го кажува се разликува од пораките кои ги испратил до американските претставници на приватни состаноци.
„И покрај сите јавни изјави на режимот и лажните извештаи што ги слушате, разговорите продолжуваат и добро напредуваат. Она што го кажуваат јавно, се разбира, е многу различно од она што ни го кажуваат приватно“, изјави портпаролката на Белата куќа Керолин Левит на прес-конференција.
Во меѓувреме, претходно денес, Трамп изрази фрустрација од сојузниците кои не се подготвени да им помогнат на САД со сила повторно да го отворат Ормускиот теснец контролиран од Иран, велејќи им на земјите загрижени за високите цени на горивата да „одат да си ја земат својата нафта“.
„Ќе мора да научите да се борите за себе, САД повеќе нема да ви помагаат, исто како што не ни помогнавте нам. Иран е практично десеткуван. Тешкиот дел е завршен. Одете земете си ја нафтата“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.
Коментарите на Трамп се објавени истиот ден кога цените на горивата во САД надминаа просек од 4 долари (3,48 евра) за прв пат од 2022 година, додека цените на енергијата продолжуваат да растат низ целиот свет.






