понеделник, 2 март 2026

Иранскиот нуклеарен комплекс во Натанц погоден во американско-израелските напади

Големата иранска нуклеарна постројка во Натанц е погодена за време на американските и израелските воени операции против Исламската Република, изјави денес иранскиот амбасадор при нуклеарната агенција на Обединетите нации.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Повторно вчера беа нападнати ирански мирнодопски нуклеарни постројки, опфатени со заштитни мерки“, им рече иранскиот амбасадор при ИАЕА Реза Наџафи на новинарите на состанокот на 35-члениот Управен одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).

Меѓутоа, Меѓународната агенција за атомска енергија нема никакви индикации дека израелските и американските напади погодиле нуклеарни објекти во Иран, изјави генералниот директор на агенцијата Рафаел Гроси пред Управниот одбор, само неколку моменти пред иранскиот претставник да каже дека еден објект бил нападнат претходниот ден.

„Немаме никакви индикации дека некоја од нуклеарните инсталации е оштетена или погодена“, изјави генералниот директор на ИАЕА Рафаел Гроси на состанокот на Управниот одбор.

Не е јасно врз што се темели таа проценка, бидејќи Гроси исто така рече дека агенцијата не успеала да воспостави контакт со колегите во Иран. Техеран не ѝ дозволи на ИАЕА да се врати во бомбардираните постројки откако беа нападнати во јуни, наведува Ројтерс.

„Напорите да воспоставиме контакт со иранските нуклеарни регулаторни власти продолжуваат, но досега нема одговор. Се надеваме дека овој неопходен канал за комуникација ќе биде повторно воспоставен што е можно поскоро“, рече тој.

Неколку моменти подоцна, иранскиот амбасадор при ИАЕА Реза Наџафи им изјави на новинарите пред затворениот состанок дека големиот нуклеарен комплекс во Натанц е нападнат.

Во Натанц се наоѓаат две постројки за збогатување ураниум што беа нападнати во јуни – едно над земја, за кое ИАЕА наведува дека е уништено, и друго подземно, кое е најмалку тешко оштетено – како и уште неколку објекти.

„Повторно вчера беа нападнати ирански мирнодопски нуклеарни постројки под меѓународни заштитни мерки“, рече Наџафи. На прашањето на Ројтерс кои постројки биле погодени, тој одговори: „Натанц“, и замина.

Иранската нуклеарна програма е меѓу причините што Израел и Соединетите Американски Држави ги наведуваат за нападите, тврдејќи дека Иран премногу се приближил до можноста еден ден да произведе атомска бомба.

Во меѓувреме, она што остана од иранските нуклеарни постројки по нападите на двете армии во јуни, според Ројтерс, изгледа дека досега главно било поштедено во оваа кампања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ