недела, 13 јули 2025

Ирански министер: Ќе запреме со одмаздата доколку Израел престане со нападите

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска изјави дека Иран е подготвен да ги запре нападите врз Израел доколку Тел Авив ја прекине офанзивата против Техеран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи пред странските амбасадори во Техеран, Арагчи истакна дека војната на Иран му е наметната и дека Техеран нема друг избор освен да одговори.

„Нашата одбрана е целосно легитимна и ќе биде изведена одлучно, единствено како одговор на агресијата. Ако нападите престанат, ќе престане и иранската одмазда“, рече тој.

Тензиите меѓу Иран и Израел нагло ескалираа по координираните израелски воздушни напади врз повеќе локации во Техеран во петокот, вклучително и воени и нуклеарни објекти, што го натера Иран да возврати неколку часа подоцна.

Иран синоќа започна втор бран од операцијата наречена „Вистинско ветување III“, насочена првенствено кон економски и индустриски цели во израелскиот пристанишен град Хаифа. Паралелно, израелските напади го погодија иранското Министерство за одбрана и капацитетите за складирање нафта во Техеран.

Иран објави дека на првиот ден од израелскиот напад биле убиени 78 лица, додека вториот ден десетици, меѓу кои и деца.

Овој бран на насилство доведе до прекин на индиректните нуклеарни преговори меѓу Иран и САД, кои се водеа со посредство на Оман. Шестата рунда преговори требаше да се одржи во недела во Мускат.

Арагчи рече дека израелската „агресија“ не би била можна без координација и поддршка од САД, наведувајќи го тоа како клучна причина за прекин на преговорите.

Тој рече дека Иран има цврсти и убедливи докази дека американските сили и воените бази во регионот дале поддршка за израелските напади.

Министерот се осврна и на изјавите на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, кој рече дека нападите „не би можеле да се случат без американска опрема“ и ги најави „следните фази“, наведувајќи го тоа како дополнителен доказ за американска вмешаност.

Во врска со негирањето на САД за вмешаност во израелскиот напад врз иранската нуклеарна постројка Натанз во провинцијата Исфахан, Арагчи рече дека Иран не прифаќа такви негирања поради контрадикторни докази.

„Ако САД навистина не се вклучени, мора јасно и јавно тоа да го осудат“, рече тој, нагласувајќи дека приватни пораки не се доволни. Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ги признае израелските прекршувања на меѓународното право.

Арагчи го обвини Израел дека систематски ги саботира нуклеарните преговори, потсетувајќи на саботажата на постројката за збогатување ураниум во Натанз во 2020 година за време на разговорите во Виена за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година. Тогаш Иран одговори со зголемување на збогатувањето ураниум до 60 проценти и замена на оштетените центрифуги со понапредни модели.

Министерот рече дека и покрај провокациите, Иран со добра волја влезе во преговорите со САД, одржа пет рунди разговори и подготви контрапредлог со цел да се приближи до договор.

Сепак, тој повтори дека Израел останува против секој нуклеарен договор и активно работи на опструкција на дипломатијата.

Арагчи рече дека Иран официјално побарал од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да свика итна седница на која ќе се разговара за последниот напад на Израел врз Натанз, оценувајќи го тоа црвена линија на меѓународното право што Израел сега ја премина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ