сабота, 12 јули 2025

Ирански медиуми: Три танкери се откажаа од минување низ Ормускиот теснец

Податоците од следењето на бродовите покажале дека три танкери за нафта и хемикалии го смениле курсот и скршнале од патот кон Ормускиот теснец, додека тензиите растат по американските воздушни напади врз нуклеарните објекти на Иран и стравувањата од можна иранска одмазда во стратегискиот воден пат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што објави Иран интернешнал, податоците од сајтот Марин трафик покажуваат дека бродовите Мари Си и Ред Руби, и двата во баласт и претходно на пат кон теснецот, се вкотвиле во близина на Фуџаира, крај брегот на Обединетите Арапски Емирати. Третиот брод, Кохзан Мару, плови во Оманскиот Залив, близу до оманските води.

Јапонските компании Нипон јусен и Митсуи О.С.К. лајнс денес објавија дека издале упатства до своите бродови да го минимизираат времето поминато во Персискиот Залив, но да продолжат со операциите низ теснецот, дополнително известува Иран интернешнал.

Ормускиот теснец е еден од најважните нафтени коридори во светот и има исклучително геостратегиско значење. Светската економија во голема мера зависи од протокот на нафта по тој пат.

Протокот се наоѓа помеѓу Оман и Иран, поврзувајќи го Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапско Море. Во најтесниот дел е широк само 33 километри, а самиот бродски воден пат е долг само 3 километри.

Околу 20 отсто од вкупната светска потрошувачка на нафта поминува низ Ормутскиот теснец. Според податоците од аналитичката компанија Вортекса, помеѓу почетокот на 2022 година и минатиот месец, помеѓу 17,8 и 20,8 милиони барели сурова нафта, кондензат и гориво дневно течеле низ теснецот.

Членките на ОПЕК (Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак) го извезуваат поголемиот дел од својата сурова нафта во таа насока, главно на азиските пазари.

Петтата флота на американската морнарица, со седиште во Бахреин, е одговорна за безбедноста на поморската трговија во таа област.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ