четврток, 12 март 2026

Иран жестоко напаѓа по Заливот, објави снимка од воени бродови: „Го контролираме Ормускиот теснец“ (ФОТО+ВИДЕО)

Иранските вооружени сили денес објавија видео со воени бродови и повторија дека целосно го контролираат Ормускиот теснец и дека нема да дозволат пловидба на САД и на државите што учествувале во неодамнешните напади врз Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Техеран претходно објави дека го затвора овој стратегиски поморски премин за пловила од земји поврзани со американските и израелските напади.

„Нема никакво сомневање дека Ормускиот теснец е под мудро управување на храбрите поморски сили на Корпусот на исламската револуционерна гарда“, соопшти централниот штаб Катам ал‑Анбија, кој е задолжен за надзор на воените операции.

Во пораката се додава дека „американските агресори и нивните партнери немаат право на премин“. На објавената снимка на најмалку еден брод се гледа и руско знаме, но не е познато кога е направена снимката ниту нејзината автентичност е независно потврдена.

Вчера три трговски брода биле погодени со проектили во близина на Ормускиот теснец, меѓу нив тајландски товарен брод, кој се запалил и дел од екипажот морал да се евакуира.

Американските разузнавачи предупредија дека Иран може директно да напаѓа танкери со дронови или ракети, што претставува сериозна закана за глобалната нафтена трговија, пренесе Гардијан.

Експлозивни ирански чамци нападнале два танкера во ирачки води, при што избувнал пожар и загинал еден член на екипажот, пренесе Ројтерс.

Во меѓувреме продолжуваат нападите врз бродови во Персискиот Залив. Британската организација Операции за поморска трговија на Обединетото Кралство соопшти дека од почетокот на војната на 28 февруари досега биле нападнати вкупно 13 бродови во Персискиот Залив, Ормускиот теснец и Оманскиот Залив. Во текот на ноќта биле нападнати уште два брода во близина на ирачкото пристаниште Ум Каср кај Басра. Во нападот загинало едно лице, а 38 биле повредени.

Организацијата објави и нов инцидент северно од Џебел Али во Обединети Арапски Емирати. Капетан на контејнерски брод пријавил дека пловилото било погодено од засега непознат проектил, што предизвикало помал пожар на бродот. Целосната процена на штетата засега е отежната поради темнината.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ситуацијата во Ормускиот теснец е „под контрола“ и дека американските сили уништиле ирански бродови. Според него, САД онеспособиле 58 ирански воени пловила и веќе „победиле“ во војната, но воените операции ќе продолжат додека целите не бидат целосно исполнети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ