„Логистички брод што ѝ обезбедува поддршка на агресивната американска војска беше гаѓан од вооружените сили на Исламската Република Иран на значително растојание од пристаништето Салала во Оман“, изјави потполковникот Ебрахим Золфагари, портпарол на централниот штаб Хатам ал-Анбија, кој ги координира војската и Корпусот на чуварите на исламската револуција (ИРГЦ), во соопштение што го пренесоа државните медиуми.
Официјалната оманска новинска агенција утрово јави дека пристаништето било нападнато со два дрона, при што е повреден еден странски работник, а оштетен е еден кран.
Оман беше посредник меѓу Соединетите Американски Држави и Иран во три рунди нуклеарни преговори одржани во неделите пред да започне конфликтот минатиот месец. Порано овој месец, Оман соопшти дека САД „ја изгубиле контролата врз сопствената надворешна политика“ и го обвини Израел дека го убедил Доналд Трамп да влезе во војна со Иран, пишува Гардијан.
„Како што претходно соопштивме, Исламската Република Иран го почитува националниот суверенитет на братската и пријателска држава Оман“, додаде Золфагари во соопштението.






