вторник, 31 март 2026

Иран: Спремни сме за пресметка на копно

Иран ги предупреди Соединетите Американски Држави дека е подготвен да одговори на секој копнен напад, обвинувајќи го Вашингтон дека тајно планира копнена инвазија, додека јавно бара разговори, бидејќи војната, во која загинаа илјадници луѓе и се нарушија глобалните снабдувања со енергенси, влегува во вториот месец.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во порака објавена по повод 30 дена од почетокот на војната, претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф кажа: „Непријателот јавно сигнализира преговори, додека тајно планира копнен напад“.

„Нашето пукање продолжува“, кажа Галибаф. „Нашите ракети се подготвени. Нашата решителност и вера пораснаа“. Тој додаде дека иранските сили „го чекаат пристигнувањето на американските трупи на терен за да ги запалат и засекогаш да ги казнат своите регионални партнери“.

Иран вчера, како што пренесува Ројтерс, објави дека добил мировни предлози од САД преку посредници, по разговорите кои во недела ги воделе министрите за надворешни работи на Пакистан, Египет, Саудиска Арабија и Турција. Сепак, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багеи кажа дека предлозите се „нереални, нелогични и претерани“. „Нашата позиција е јасна. Ние сме под воена агресија. Затоа, сите наши напори и сила се фокусирани на одбраната“, кажа тој на конференција за новинарите.

Набрзо по изјавите на Багеи, Трамп во објава на социјалните мрежи изјави дека САД се во преговори со „поразумен режим“ за прекин на војната во Иран, но во исто време издаде ново предупредување во врска со Ормускиот теснец.

„Остварен е голем напредок, но ако од која било причина не се постигне договор наскоро, што веројатно ќе се случи, и ако Ормускиот теснец не биде веднаш „отворен за работа“, ќе го завршиме нашиот „убав престој“ во Иран со дигање во воздух и целосно уништување на сите нивни електроцентрали, нафтени полиња и островот Харг“, напиша Трамп.

Преземањето на контролата врз Харг би барало копнени трупи, според Ројтерс. Министерството за одбрана на САД испраќа илјадници војници на Блискиот Исток, давајќи му на Трамп можност да почне копнена офанзива, но тој сè уште не одобрил ниту еден од тие планови, според повеќе медиумски извештаи.

Секоја копнена операција на САД веројатно би сопрела пред целосна инвазија и наместо тоа би вклучувала упади на специјални сили и конвенционална пешадија, според извештаите за планирањето можни сценарија. Сепак, дури и ограничена мисија би можела да ги изложи американските трупи на ирански беспилотни летала, ракети, копнен оган и импровизирани експлозивни направи, пишува британски Гардијан.

Белата куќа испраќа контрадикторни сигнали, наизменично зборувајќи за деескалација и заканувајќи се со поширока војна, оценува британски Гардијан. Портпаролката на Белата куќа Керолин Левит изјави дека планирањето во Пентагон има за цел да му обезбеди на Трамп „максимална флексибилност во изборот на опции“, наместо да сигнализира конечна одлука. Трамп минатата недела изјави дека ќе ги суспендира нападите врз иранските енергетски објекти за 10 дена, односно до 6 април, по американско време.

Пакистански безбедносен службеник, чија земја се обидува да посредува во војната, за Ројтерс изјави дека во оваа фаза се чини малку веројатно дека ќе има директни разговори меѓу САД и Иран оваа недела. „Се обидуваме сè што можеме за да се случи тоа што е можно поскоро“, кажа службеникот.

Додека напорите да се дојде до договорен крај на непријателствата постигнат со преговори напредуваат бавно преку состаноците на регионалните сили во Пакистан, имаше знаци на понатамошна ескалација во текот на викендот, бидејќи хутите од Јемен, поддржани од Иран, влегоа во конфликтот за прв пат, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја ја проширува својата инвазија на јужен Либан.

Турското Министерство за одбрана вчера објави дека балистичка ракета лансирана од Иран влегла во турскиот воздушен простор пред да биде соборена од воздушната и ракетната одбрана на НАТО распоредена во источниот Медитеран.

Нападите на хутите врз Израел отворија можност тие да таргетираат и блокираат уште еден важен морски пат – теснецот Баб ел Мандеб.

Израелскиот парламент го усвои државниот буџет за 2026 година, изјави рано вчера портпаролот на Кнесетот, дозволувајќи ѝ на владата на Нетанјаху да избегне предвремени избори додека продолжува заедничката војна на неговата земја со САД против Иран. Усвојувањето на буџетот од 699 милијарди шекели, доминиран од трошоците за одбрана, доаѓа еден месец по почетокот на војната, која ја чини економијата околу 1,6 милијарди долари неделно. Неусвојувањето на буџетот веројатно ќе предизвикаше предвремени избори во рок од 90 дена, за кои досегашните анкети предвидуваат дека Нетанјаху би ги изгубил. Редовните избори се закажани за крајот на октомври, иако датумот сè уште не е одреден. Нетанјаху кажа дека тие би можеле да се одржат во септември.

Пазарот на нафта речиси целосно ја отпиша можноста војната да биде окончана со преговори и се „подготвува за остра ескалација на воените конфликти“, кажа Вандана Хари од компанијата Ванда инсајтс, која се занимава со анализа на пазарот на нафта.

Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека војната на Блискиот Исток предизвика сериозни нарушувања во економиите на земјите на првата линија на фронтот и ги влоши перспективите за многу економии кои штотуку почнуваа да се опоравуваат од претходните кризи.

Министерот за финансии на САД Скот Бесент вчера изјави дека глобалниот пазар на нафта е добро снабден. „Со текот на времето, САД ќе ја вратат контролата врз теснецот и ќе се обезбеди слобода на пловењето, или преку американска придружба или мултинационална придружба“, кажа Бесент во интервју за Фокс њуз.

Сепак, според Фајненшл тајмс, Иран работи на воспоставување систем на одобрен премин за бродови низ Ормускиот теснец, за кој Техеран навести дека може да продолжи и по сегашната војна.

Министерот за надворешни работи Абас Арагчи минатата недела изјави дека Иран ќе воведе нов ред во теснецот по војната, инсистирајќи дека земјата има суверенитет над него „дури и ако некои би сакале да го гледаат како меѓународни води“.

Пред конфликтот, околу 135 бродови минуваа низ тој морски пат секој ден. Но, откако првите американско-израелски напади врз Иран, сообраќајот речиси пресуши. Според податоците од С&П глобал, помеѓу 1 и 25 март, регистрирани се само 116 преминувања, што е пад од 97 проценти во споредба со истиот период во февруари.

Бродовите кои сепак поминале биле претежно поврзани со кинески, индиски или сопственици на земји од Заливот. Неколку од нив припаѓале на таканаречената „темна флота“, односно бродови санкционирани од западните сили за трговија со иранска нафта.

Некои бродови му платиле на Иран до 2 милиони долари за да обезбедат безбеден премин низ Заливот, според Лојдс лист интелиџенс и лице запознаено со случајот на сопственик на бродот чиј брод успеал да помине.

Аладин Боруџерди, висок член на иранскиот парламент, во неделата за државната телевизија изјави дека секој брод кој минува низ стратегискиот морски пат плаќа надомест од два милиони долари. „Се воспоставува нов режим во овој воден пат“, кажа тој.

Ваквите тврдења, според ФТ, отвораат далекусежни прашања за пристапот до еден од најважните морски патишта во светот – како и голем број практични проблеми со кои ќе мора да се соочат бродските компании.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ