Иран ќе ги нападне американските бази на Блискиот Исток доколку биде нападнат од американските сили распоредени во регионот, изјави денес иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
Тој нагласи дека тоа не треба да се толкува како напад врз земјите домаќини на тие бази.
Арагчи зборуваше за катарската телевизија Ал џезира, еден ден откако Техеран и Вашингтон ветија дека ќе продолжат со индиректните преговори за иранското нуклеарно прашање, по, како што наведоа двете страни, позитивните разговори одржани во Оман.
Иако Арагчи не наведе датум за следната рунда преговори, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тие би можеле да се одржат уште во почетокот на следната седмица.
„И ние и Вашингтон сметаме дека разговорите треба да се одржат наскоро“, рече Арагчи, пренесува британската агенција Ројтерс на својата интернет-страница.
Трамп се закани со напад врз Иран по зајакнувањето на американското воено присуство во регионот, барајќи од Техеран да се откаже од збогатувањето ураниум, поради стравувања дека би можел да изработи нуклеарно оружје, како и од развојот на балистички ракети и поддршката на вооружени групи низ целиот регион. Иран долго време негира дека има намера да ја милитаризира својата нуклеарна програма.
Иако двете страни најавуваат подготвеност да ја обноват дипломатијата околу долгогодишниот нуклеарен спор меѓу Иран и Западот, Арагчи ја отфрли можноста за проширување на преговорите на други теми.
„Секој дијалог бара воздржаност од закани и притисоци. Техеран разговара исклучиво за нуклеарното прашање. За други теми не разговараме со САД“, изјави тој.
Минатиот јуни САД ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки, приклучувајќи се во израелскиот напад врз таа земја, кој траеше 12 дена.
Потоа Техеран соопшти дека го запрел збогатувањето на ураниум.
Иранскиот одговор тогаш вклучуваше ракетен напад врз американска база во Катар, земја што одржува добри односи и со Техеран и со Вашингтон.
Во случај на нов американски напад, последиците би можеле да бидат слични, рече Арагчи.
„Не би можеле да ја нападнеме американската територија, но би ги гаѓале нивните бази во регионот. Нема да ги напаѓаме соседните земји, туку американските бази што се наоѓаат во нив. Тоа е голема разлика“, додаде тој.
Иран порачува дека сака да му се признае правото на збогатување ураниум и дека вклучувањето на ракетната програма во преговорите би ја оставило земјата ранлива на евентуални израелски напади.






